Мени

Царинските службеници на Табановце ќе носат мобилни камери, снимките ќе се користат како доказ во постапки

17.09.2026 12:05 | KumanovoNews

На трите гранични премини, Табановце, Блаце и Ќафасан, Царинската управа воведе во употреба телесни камери кои треба да помогнат во зајакнување на борбата со криминалот и корупција. 

Царинските службеници на Табановце ќе носат мобилни камери, снимките ќе се користат како доказ во постапки

Со новите камери царинските службеници при вршење на својата должност ќе имаат право да ја снимаат целата постапка, а снимките ќе можат подоцна да се користат како доказ во прекршочни и кривични постапки. 

Системот на телесни камери е донација од Министерството за правда на САД,  а денеска го промовираа директорот Бобан Николовски и вршителката на работите на Амбасадата на САД во државава, Никол Варнс.

„Со обезбедените 30 телесни камери, заедно со целокупниот систем и инфраструктура, добивме систем кој треба да овозможи поголема заштита на царинските службеници, превенција и ефикасна борба против корупција и поголема транспарентност и доверба во системот. Царинската управа мора да биде модерна, професионална и институција во која граѓаните имаат доверба, но и институција во која секој чесен и професионален царински службеник знае дека неговата работа е заштитена и препознаена“, истакна директорот Николовски.

Вршителката на работите на Амбасадата на САД, Никол Варнс, вели дека силните институции се основа за безбедно и просперитетно општество, а денешното предавање на опрема е израз на заложбите на Владата на САД да гради ефикасни односи кои истовремено ги унапредуваат интересите на САД и интересите на нивните сојузници.

„ Мобилните камери ќе помогнат Царинската управа да ја подобри транспарентноста, да ги спречи нелегалните активности и да изгради јавна доверба, клучни цели во заедничката борба против трговијата со дрога и луѓе и организираниот криминал.  Знаеме дека царинските службеници се првата одбранбена линија кога станува збор за нелегални супстанци, забранети стоки, и криминални дејствија кои ги преминуваат границите.  Опремувајќи ги царинските службеници со модерна технологија, ги оспособуваме да ги извршуваат своите должности со поголем интегритет и ефикасност.  Ова пак ѝ овозможува на Македонија да ги исполни своите обврски како стабилен партнер во регионалната и глобална безбедност“, истакна Варнс.