Пет лица се приведени во денешната акција во Куманово, кажа директорот Јанев (видео)
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, соопшти дека пет лица ќе бидат опфатени со кривична пријава по големата полициска акција во Куманово.
„Извршени се претреси на повеќе локации во Куманово, од слобода се лишени и ќе бидат опфатени со пријавата 5 лица, каде што има сериозни наводи и факти за сторените кривични дела. При претресите се најдени поголема количина на пари, документација која упатува дека лицата се занимавале со позајмици, давале пари и вршеле изнуди. Врз основа на таа документација направен е претрес и во нотарска канцеларија, а известена е и Народна банка, бидејќи во менувачницата се најдени одредени средства за кои е посочено дека потекнуваат од братот на еден од осомничените лица“, кажа Јанев.
Тој додаде дека се работи за организирана група која дејствувала од 2021 година во Куманово. Во акцијата се одземени и автомобили, мобилни телефони, други предмети и обемна документација. Случајот бил пријавен, по што полицијата ја започнала постапката за следење и разоткривање на групата.