Поранешниот Пионерски дом да стане Младински културен центар бараат младите од Куманово
Во зградата на поранешниот Дом на пионерите „29 Ноември“ да се отвори Младински културен центар бараат младите од Куманово.
Идејата потекнала од средношколците, а беше предложена на Форумот на заедниците од советничката Мила Петрушевска, со цел да се најде во програмата за развој на Општина Куманово за 2027 година.
„Оваа идеја произлезе од проектот „Локални активни платформи за социјални иновации“ (ЛАПСИ), во кој беа вклучени средношколците од нашиот град. Тие како свој приоритет го посочија отворањето на младински културен центар, кој ќе биде современ и отворен простор за дружење, креативност, неформално образование и развивање на младинските таленти. Како локација беше предложен поранешниот Пионерски дом во Куманово, кој поради својата местоположба и близината до училиштата има потенцијал, преку соодветна реконструкција и адаптација, повторно да стане значајно место за младите во градот. Како млад човек давам целосна поддршка за реализација на оваа идеја и затоа ја предложив на форумот“, вели Петрушевска.
Според проект, центарот треба да содржи повеќе функционални простории наменети за музика, танц, сликарство, креативни работилници, актерство и театар, како и простор за дружење, друштвени игри и други неформални младински активности. Предвидена е и мултифункционална сала за одржување концерти, изложби, претстави и други културни настани.
Зградата на поранешниот Пионерски дом е во сопственост на Министерството за социјална политика, демографија и млади, а Општина Куманово со децении бара да ѝ биде отстапена, за да го користи просторот.
При неодамнешната посета го прашавме министерот Ѓоко Велковски какви се плановите за овој објект, кој со години е оставен да пропаѓа.

„Ова прашање го отворивме и со градоначалникот. Ќе разговараме со Генералниот секретаријат на Владата за да може овој проблем да се реши, бидејќи мора да видиме каква би била неговата идна намена. Ќе се договориме со сите чинители, општината, нашето министерство и Владата, за да можеме да го искористиме објектот во вистинска смисла“, изјави министерот Велковски, не прецизирајќи за која намена би се користел објектот.
Тој најави и дека ќе се интервенира за да се затвори објектот и да се ограничи пристапот до просториите, бидејќи во нив престојуваат бездомни лица.
Пионерскиот дом, кој се наоѓа во центарот на Куманово, од омилено катче за детско творештво денес е руина, преполна со смет и шут, место на собирање сомнителни лица и потенцијална безбедносна и здравствена закана за околината.
Во 2018 година дел од приземните простории беа пренаменети за детска градинка. Иако тогаш беше најавено дека целиот објект брзо ќе биде реконструиран и адаптиран за истата намена, тоа никогаш не се случи. Напротив, зградата остана незаштитена и стана мета на крадци и вандали, опасност за околината. Во неколку наврати во неа избувнаа пожари, а во еден случај дете се повреди откако падна од првиот кат.
Состојбата во која денес се наоѓа зградата на Пионерскиот дом е директна последица на неодговорното и недомаќинско однесување на надлежните институции, кои се должни да се грижат за јавниот имот.
Наместо навреме да се преземат мерки за нејзина заштита, додека беше во одлична состојба, се дозволи да биде уништена, па сега повторно ќе треба да се инвестира за да се врати во некогашната состојба.
Пред секои избори политичарите ветуваат дека на Домот на пионери ќе му се врати некогашна намена, но досега безуспешно.