×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Декларативен отпор против слобода

    Емил Ташевски

     Грчкиот филозоф Епиктет вели дека во наше владение се само две работи: Првата е моралниот избор, а втората - гледање на настаните што се случуваат околу нас.

    Да претпоставиме, но само да претпоставиме, дека пред 17-ти мај 2015 година, сме имале некаква слобода. Што било нашето барање тогаш? – Многу поголема слобода!

    Нaшето општество е суштински многу досадно. Живееме мирно, имаме статус на повластени робови и достоинството ни се огледа низ стрпливо стоење во непостоечките колони, упорно толерирани токму од нас.

    Народните поговорки велат: „Ќе ни биде подобро, само ако ние бидеме подобри“. Но, колку и да се залагаме декларативно за борба против корупцијата, колку и да се залагаме за владеење на правото и системски уредена држава, сепак, јас не познавам многу луѓе кои со презир и достоинство би одбиле можност нивното дете да го запишат во градинка преку врски, некој во судот да им одложи извршување на казна или да се запише на факултет иако не ги исполнува поставените услови.

    Се додека на некој портир во некоја фабрика му е овозможено да земе 3 метри кабел, тој ќе замижи на фактот дека неговиот шеф од истата фабрика изнесува 3 компјутери, дека неговиот дил-ориентид директор присвојува службени возила и прави сомнителни договори со разни компании, но, и дека некој министер во владата воспоставува непишани правила со кои се загрозува токму неговата слободата. Секој на тоа скалило е задоволен и си го зема она што му припаѓа, според однапред познати непишани правила. И, така, се давиме во сопствените фекалии. Предолго.

    Јас во овие години, после големиот „17 мај, разбрав само едно-дека не се вклопувам во ниту еден шаблон. Ја сакам оваа земја и својот град, и мојата борба е моето дете да остане тука и да живее нормално. Некои работи некогаш и не ги кажав гласно и за тоа не можам да си простам, затоа што сум таков по природа. Мислев дека ќе пројде и дека ќе се асимилираат дел од луѓето мислејќи на своите деца. Меѓутоа НЕ! Го претворија мојот град во реално шоу.

    Фокусот на пандемијата е доста голем. Опасноста од пандемијата е уште голема.Но, имаме многу поголема опасност. Тоа се луѓето во нашите политички партии, кои имаат одобрение за одлучување.

    Мерките за корона вирусот ги знаеме уште пред една година: да миеме раце, да држиме дистанца, да излегуваме од дома кога е најнеопходно и никаде да не се движиме без заштитна маска.

    Кои се мерките од луѓето што одлучуваат за работи за кои не се компетентни? Кои се мерките од луѓето кои немаат оформено образование, а одлучуваат за правилата во институциите и , за крај, колку чини таа слобода за која се боревме долги 11 години?

    Ако сакаме да покажеме дека барем нешто имаме научено од непосредното минато, ќе мораме да се одбраниме од опасноста, која ни ја носи нашиот талент- секогаш да направиме простор лошото да биде уште полошо. Во ситуација на апсолутна недоверба во традиционалните политички организации (на двете најголеми политички партии заедно, на последните парламентарни избори им фалеа 250.000 гласа во однос на претходните избори) лошото може да стане уби- боже лошо, со свртувањето кон за-внимание-желните локални фејсбук-врескачи, кои се на чело на бригадите и фронтовите, а формирани на кафеанска бошча после неколку ракии. Брзи и ефикасни решенија за сите Ваши проблеми. Три за сто.

    Полни усти за системот кој само што не го воспоставиле, системот секако е „мерит“, да не се мислите. Уште некоја чашка узо и тргнуваат во борба од своите длабоко ископани ровови на Фејсбук. Какви и да им се намерите, се плашам дека може доцна да сфатиме оти нивната борба е само против тоа малку нормалност што ни остана.

    Ајде претходно да изградиме барем малку консензус за тоа на какви луѓе ќе ја даваме нашата доверба за трошењето на тешко заработениот денар во реалниот сектор и за раководењето со нашето секојдневие. Луѓе, кои навистина можат да одговорат на тоа, имаме малку, но за среќа ги знаеме. Уште подобро ги знаеме оние кои не можат и тоа е важно. За да не предизвикаме нов циклус на несреќа, мора да ги идентификуваме и лажните пророци. Имунитетот од нив ќе го изградиме преку сознанието дека мора напорно да работиме за да ни биде подобро, додека ефтината кафеанска демагогија, блуена од нереализирани ликови, може да ни донесе само недопечена политика од која после на сите ќе ни се лоши.

    Емил Ташевски  Емил Ташевски (Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ)

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*