Зошто во денешната моја колумна фокус ставам на листата за советници на СДСМ Куманово? Одговорот е едноставен, а за некого можеби и премногу личен. Голем дел од моите пријатели, другари, луѓе со кои растев, споделував соништа и несогласувања – припаѓаат или гласале за оваа политичка провениненција. Тие не се гласноговорници на партијата, туку нејзини критички настроени симпатизери, кои во нашите секојдневни разговори многу јасно и многу гласно кажуваат што очекуваат – и што не прифаќаат – на наредните локални избори.
Јас, пак, одамна сум се определил. Не како партиски војник, туку како искрен левичар. Некој кој верува во еднаквост, социјална правда и фер шанса за сите. Но и некој кој секогаш постапува според слободен избор, а не по туѓа наредба. И кога зборувам или пишувам за СДСМ, тоа не го правам од позиција на навивач или противник – туку од позиција на човек што сака нешто да се смени. Затоа што ако не почнеме да го критикуваме она што го сакаме, тогаш ќе продолжиме да го губиме – полека, сигурно и тивко.
Примарната потреба на човекот отсекогаш била сигурноста. Од моментот кога се исправил на двете нозе, човекот барал засолниште, заедница, племе. Се криел во пештери, палел огнови, чувал стража од други племиња. Денес, илјадници години подоцна, ништо суштински не се сменило – само што наместо пештери, влегуваме во штабови, наместо со копја, се браниме со партиски книшки, а наместо стражи – поставуваме партиски „врати“.
По распадот на поранешната држава, луѓето повторно се вратија кон она што најдобро го познаваа – припадноста. Овојпат не кон народот, туку кон партијата. Политичките партии станаа новите племиња. Обезбедуваа работа, врски, сигурност. Се создаде слика дека надвор од партијата животот е посуров, понепредвидлив, а често и казнет. Така партијата прерасна во ново семејство, нова црква, нов штит – и за жал, во некои случаи, и во нов господар.
Во Куманово, оваа реалност е особено изразена. Социјалдемократскиот сојуз, партија која во теорија треба да биде гласот на различните, прогресивните и социјално чувствителните, со години функционира како затворен круг. Внатрешна шифра, чие членство ретко се менува. Во него се влегува со години лојалност или по пат на крвни и роднински линии, а се излегува – исклучиво со „непослушност“.
Имињата кои се појавуваат како советници, претседатели на совети, директори или носители на листи, се идентични на секои избори. Меѓу себе менуваат позиции, како во затворена табла за шах. Без разлика дали се победува или губи, некои луѓе секогаш се тука. Вечни кандидати, вечни надежи, вечни ветувачи.
Во минатата колумна ги најавив карактеристиките на потенцијалниот кандидат со кој СДСМ би можел да има каква-таква шанса за победа. Но залудно е кандидатот да биде ново лице, ако зад него стои старата сенка. Ако советничката листа повторно биде полна со имиња кои граѓаните ги знаат напамет, но не по добро, туку по апатија и навика. Тогаш дури и најхаризматичниот кандидат ќе стане само уште еден компромис.
А реалноста е дека светот се менува. Брзо, брутално, без емоции. Младите не прашуваат кој на кого му е кум, туку што знае, што прави и какви вредности носи. Во време на глобални мрежи, интернет, отворање на светот, современиот човек повеќе не ја бара само сигурноста. Тој ја бара слободата. Слобода да мисли, да зборува, да избира, да критикува – без страв од последици. И во тој контекст, партискиот систем каков што го познаваме станува анахрон. Посебно кога партијата не се осмелува да вклучи луѓе надвор од својот познат круг.
Слободата не е анархија. Таа не значи хаос, туку право на избор. На избор за нешто поинакво, дури и кога тоа значи ризик. Но во Куманово, последните неколку изборни циклуси покажуваат дека токму повторувањето и стравот од новото носат порази – а не храброста.
Со оглед на тоа што Советот е орган на општината кој функционира паралелно со градоначалникот станува јасно дека е неопходна коренита промена во профилот на луѓето кои стануваат советници. Затоа, листата на советници што ќе ја предложи ОО СДСМ Куманово мора да биде жив организам, не административна обврска. Таа треба да отсликува граѓани, а не само функционери. Да биде микс од млади луѓе со енергија и поискусни со кредибилитет. Да не биде алатка за награда, туку одраз на доверба... Советниците, треба да бидат свесни за обемот на својата моќ и одговорност. Истите треба да бидат отворени кон јавноста. Да го застапуваат јавниот интерес, а не партискиот. Да не молчат на очигледните неправди. Само вредни и чесни луѓе, луѓе со личен интегритет, можат да донесат вистинска промена.
СДСМ Куманово овојпат е приморано – ако победата е императив – да излезе со луѓе кои пред сè се коректни и професионални во своите дејности. Луѓе кои покажуваат почит кон општите добра. Луѓе кои ги почитуваат главните социјалдемократски начела – дури и ако не се членови на партијата. Луѓе кои од локално ниво ќе започнат процес на трансформација што ѝ е итно потребна на целата држава. Луѓе чие појавување ќе го разбрани митот за осамен, заспиен и едноличен СДСМ.
Сигурно дека ќе биде тешко. Сигурно дека ќе има отпори. Но, уште повеќе верувам дека не е неостварливо. Промената не е ризик – туку единствена шанса.
Емил Ташевски Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*