Мени

„Леб има, Хлеб има, Bukë има - Разум нема."

29.08.2026 11:51 | Миодраг Петрушевски
Миодраг Петрушевски

Леб има. Хлеб има. Bukë има. Разум нема.

Кога разумот се повлекува во апатија, остануваат само „нашите" и „нивните". Едниве удираат во гради со голем патриотизам, другите молчат за да не си ја расипат удобноста. А во Куманово, молчењето има и друго значење: тоа е злато во џебовите на локалните мрежи на моќ. Таму се’ се врти околу клиентелизмот и насушните потреби. Молчењето е најевтината, а најефикасната валута.

Земете го најсвежиот пример.

На последната седница на Советот, со мнозинство се изгласа кредит од 100 милиони денари - за камиони за „Чистота" и фотоволтаици за „Водовод". Инспекторатот утврди дека немало јавна расправа, што отвора сериозно прашање за законитоста на постапката.

Јавната расправа е моментот кога граѓанинот има право да праша: Зошто баш оваа сума, зошто баш сега и зошто баш на овој начин?

И што се случи? Ништо. Во функционално општество ова е момент кога паѓаат раководства, се поништуваат одлуки и се поднесуваат соодветни поднесоци. Институциите си играат пинг-понг: едната пишува забелешка за да ја пере совеста, другата ја става во фиока. Кога незаконското работење нема правна последица, тоа престанува да биде прекршок и станува системски стандард. Заобиколените процедури ја прават транспарентноста најголемиот непријател на лошо поставениот тендер.

Резултатот? Граѓаните плаќаат. Плаќаат 30% повисоки сметки и 100% повисока гробарина за истата бедна услуга. Плаќаат со молчење.

И вториот пример: планирана е реконструкција на православна капела вредна 600.000 евра - сума колку една нова мала станбена зграда. Неверојатно е како секогаш кога треба да се фрлат еден куп пари, некој доживува божествена инспирација. Така, реакциите беа разбирливи, ама проблемот не е во верата, туку во заедничките пари. Пред се’ сме граѓани, па дури потоа припадници на заедници. Ако лебот е ист на три јазици, мора да ја делиме и одговорноста за секој денар. Во спротивно, буџетот е само плен.

Ова е Куманово. Инверзна Маслоу пирамида: наместо прво да се задоволат основните јавни потреби - исправна вода, чист воздух, функционална инфраструктура и достапни јавни услуги - парите одат кон врвот на пирамидата, кон проекти што импресионираат, духовна инфраструктура со сакрални објекти.

А во реалност - град каде смрдеата од контејнерите одамна се пресели, преку таквите одлуки, во јавната свест. Го скапува ставот. Ја скапува вистината.

Град каде молчењето за оваа ирационалност стана валута посилна од свеста.

Плаќаме со молчење за работно место, за опстанок во мрежите на локалната моќ, за правото да не бидеме етикетирани како „проблематични", за утре повторно да отвориме уста.

Стравот овде ретко доаѓа чесно, како директна закана. Доаѓа како учтивост. Во костум. Те седнува на кафе, ти додава шеќер и те одмерува со прашање: Од наши ли си?

И најопасното е што учтивиот страв те замолчува со тоа дека си разумен. Дека не треба да се буниш за ситници како стотина милиони денари.

Време е да си поставиме едно прашање: Кога последен пат кажавте нешто гласно, затоа што беше вистина?

Револуција на совеста не почнува со протест на плоштад, туку со:

„Не се согласувам."

„Објаснете."

„Покажете ми каде се моите пари."

Ако не сте подготвени - останете таму каде што сте. Во топлото ќоше на молчењето, на удобно и безбедно. И за 50 години повторно ќе го јадете истиот леб, на исти три јазика. Со истиот разум - никаков.

А „граѓанската хигиена" е поедноставна од што мислите:

Неколку граѓани да побараат ист документ преку Законот за слободен пристап до информации.

Советникот да се поколеба и охрабри пред да ја крене роботизираната рака, знаејќи дека неговото име ќе биде јавно пишано.

Медиумите да објавуваат како се трошат нашите пари и да отвораат незгодни прашања, да прашуваат за детали, наместо да пренесуваат соопштенија.

Значи, лекот е поедноставен отколку што мислите: побарајте одговорност, прашајте гласно. Не климајте со глава од куртоазија секој пат кога службеното возило ќе помине покрај вас. Системот сака да веруваме дека кредитите и фотоволтаиците ќе ни ја осветлат секојдневната темнина - додека логиката на трошење си останува изолирана во некоја климатизирана просторија.

Зашто леб има. Хлеб има. Bukë има.

Време е да се појави и малку разум.

На 31 август ќе се одржи седумнаесеттата седница на Совет на Општина Куманово, со обемен дневен ред. Јас ќе следам, а вие?

Миодраг Петрушевски, Авторот е политолог и магистер по правни науки

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*