ЛЕТ ВО МЕСТО
Незнам како е во други земји,ама од искуство знам дека кај нас во Македонија штом ќе завршат едни избори, веќе утредента започнува кампања за нови без оглед дали се редовни или вонредни парламентари или локални.

Се разбира, се започнува со нашата традиционална дисциплина-плукање кон оние кои ја освоиле власта. Те дека изборите биле недемократски, режирани, наместени, дека е тоа невидена кражба, диктатура, дека на нив гласало се живо и мртво и дека Македонија е во друшвото на Уганда, Руанда, Мадагаскар, Северна Кореја и сл. И тоа лутење и „плачење“ трае едно извесно време, Парламентот зеседава, пратениците повеќе се навредуваат отколку што дебатираат за одредени проблеми, на седниците се случува се и сешто, а ако затреба и помалку ќотек, народот гледа и мрмори- колку за себе. Ова особено се случува кон крајот на секоја година кога се расправа за буџетот за наредната година. Фрчат амандмани на опозицијата, а власта ладно ги одбива како да ги поднеле марсовци - исто како кога во општинскиот парламант во Куманово опозицијата поднесува амандмани, а локалната власт односно мнозинството во Советот ги одбива како да се поднесени од советници од друга општина. И на државно и на општинско ниво не е битно дали предлозите се добри, важно е не се - „наши“ што автоматски значи и не се добри, дека е тоа политички маркетинг да се добие некој поен кај граѓаните, дека опозицијата ја интересира само како да се добере до власта и ништо друго и сл. А што пак друго освен власта ги интересира политичките партии во Македонија?! - Граѓаните, нивните проблем, иднината на младите, стандардот на живеење, невработеноста! Ма ајде, мили на мајка, па не сме од вчера. Без партиска книшка ни во јавен таалет не можеш да влезеш, а не во државна служба. Дваесет и кусур години иста претстава - лет во место.
Деновиве во Куманово меѓу своите сопатијци и граѓаните беше потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска. Под мотопто - „Да ја вратиме средната класа“, ја презентираше програмата на Партијата,за која како што рече власта тврди дека ес-де ес нема програма. Имаме програма, рече подналутено Рада. Еве ја - и распали од микрофонот рафално по власта: криминал, корупција, сива економија, беда, сиромаштија, политички затвореници, монтирани случаи, над 400 иљади претежно млади во белиот свет во потрага по егзистенција, безперспективност, држава без слобода и демократија, фиктивно намалување на бројот на невработените и сл. Главно беше се кажано она што сакаше да се чуе. А решенија, има ли Радо решенија? - Средната класа не побегна сама, избркана е, избришана е и ред е некој да се сети, да се потруди дебело пак да ја врати таму каде што некогаш беше - во главниот столб на државата. Имаме и за тоа решение, енергично и со раце објаснуваше Шекеринска, :ќе ја вратиме слободата и демократијата, ќе ги ревидираме и намалиме казните и глобате за фирмите и поединците, ќе го вратиме дел од де-де вето на граѓаните што ќе им дојде еден вид тринесетта плата и сл. Слушам,гледам и си мислам - добро е ова, ама како да дојдеме до 12-тта работничка плата која е трае неколку дена и нередовна како дожд во Македонија.
Со измените и дополнувањата на Законот за патниот сообраќај за три години таксистите ќе мора барем основно да научат да го познаваат англискиот јазик, а по пет години и еден степен повеќе. Засега не се бара факултетско образование, а после може магистратура или евентуално докторат. Ништо чудно-со 98 насто запишани средношколци на факултетите по дипломирањето ќе мора некој и такси да вози, ама претходно да го знае и англискиот. Кумановските таксисти половина на шега половина сериозно велат дека редно е и тие да бидат господа, а патниците работничка класа. Вози мајсторе!