Колумна: Образование во време на корона

Емилија Петровиќ - Кукуњавска

После многу години поминати во образование го преживувам моментот кога почетокот на школската година не носи радост и сфатив дека всушност јас и моите колеги би биле најсреќни од први септември да бидеме во училница, помеѓу нашите ученици.

Она што се случи во месец март, пандемија и прекин на класичната настава, не натера нас учителите (сите што подучуваме сме учители) кои си ја сакаме работата и сакаме да подучуваме да се соочиме со голем предизвик и да ги решаваме проблемите со предизвикот во чекори. Немавме национална стратегија и платформа за држење на часовите, освен понудената ЕДУИНО, која не беше соодветна за сите возрасти, па секој индивидуално одлучуваше на кој начин ќе ја изведува наставата до крајот на учебната година. Немавме стратегија за држење и времетраење на часовите, недостасуваше распоред, па некои часови се држеа и во доцните вечерни часови, за време на празниците и викенди што секако не е во ред. Немавме контрола на работата од институциите па бевме соочени со не држење на наставата од поедини колеги, кои најверојатно не сфатија дека настава мора да има, а и, од некои ученици кои воопшто не се појавуваа на часовите.

Ова се дел од проблемите кои се провлекуваа три месеци меѓутоа, проблемите се настанати многу поодамна. Реформата, компјутеризацијата и дигитализацијата во наставата, не се имплементираше како што треба. Недоволно обука за учителите и воопшто немање обука за учениците и родителите. Употребата на ИКТ во наставата, односно 30 отсто на реализација на програмата со користење на компјутери, ретко кој ја изведуваше во целост. Прво, поради тоа што наставниците немаа соодветна обука, па не знаеа како најдобро да го направат тоа и второ, училиштата не се покриени целосно со интернет.

Доаѓаме до последици од наведеното, дигитална неписменост кај дел од наставниците, учениците и родителите. И, немање на култура за користење на интернет.

Како и да е, учебната 2019/20 заврши онака како што мораше да заврши, со сите недостатоци, многу неправилности но, дали извлековме поука од сето тоа? Не, се уште не!

Пандемијата уште трае, епидемијата не стивнува и на една недела пред почеток на учебната година имаме само едно соопштение од МОН: децата до трето одделение ќе одат на училиште, останатите наставата ќе ја следат на далечина. Ја разбирам целта за донесување на оваа одлука, на децата од таа возраст кои се описменуваат им треба учителот меѓутоа, со колку негација ќе се соочат и какво влијание ќе има тоа на нивната психа (не станувај ако немаш потреба, не се групирај, не ги разменувајте учебниците...) Сето ова наведува на размислување дека не се опфатени сите сегменти за донесување на конечната одлука, туку се оди по линија на помал отпор за да не се направи голема штета. Цело време се зборува за образование и во ниеден момент не се спомнува воспитанието и социјализацијата, кои исто така се дел од образовниот систем. Поради вакви моменти решив јавно да го изнесам моето размислување за образование во време на корона. Не нудам решение, само гласно размислувам и ќе се потрудам да ги опфатам сите сегменти.

Лично, многу сум против унифициран модел кој би се применил на целата територија на Македонија. Зошто? Затоа што имаме мали рурални средини каде што нема заболени од ковид, средини во кои децата од сите возрасти се секојдневно и по цел ден заедно. Зошто на овие деца да им го скратиме задоволството од одење на училиште. Нормално, протоколите за заштита по препораки од комисијата за заразни болести треба да се применуваат. Дистанца, маска, дезинфекција, одржување на хигиена во самото училиште. Во останатите средини каде што бројот на децата е голем, може да се направи анкета и на вработените и на родителите. На учителите кои се во ризична група, па и на останатите кои би се чувствувале загрозено, да им се даде право да се изјаснат како би сакале да ја изведуваат наставата, со присуство или на далечина. Секој одделенски раководител да спроведе анкета помеѓу родителите и тие да се изјаснат каква настава сакаат за нивното дете.


Комбинирана настава или настава од училница со ученици чии родители се изјасниле за класична настава и во исто време часот да оди и он-лајн за оние деца кои сакаат учење на далечина. Ваква настава, комбинирана, може да се изведува и со ротација на ученици на 15 дена. И, пак да напоменам, со почитување на сите протоколи за заштита, здравјето пред се!

Од друга страна, постојат наставни предмети кои многу лесно се учет на далечина но, има и такви кои тешко се совладуваат без физичко присуство на учителот. Во предходната учебна година се постави уште еден проблем, немање на технички помагала како што се комјутер или смарт телефон за некои ученици. Да не заборавиме дека и одреден број на учители го имаат тој проблем. До сега никој не ги праша тиа учители како ќе работата на далечина, а не се во можност. И, уште нешто, и учителот е родител и на повеќе деца, па и на него му се потребни повеќе помагала или простории во домот во кој што ќе работи со своите ученици и ќе биде родител на своите деца исто така ученици.


Што ќе се случува со средните стручни училишта како што се музичкото училиште или уметничкото, па и ФДУ? Тоа се образовни иснтитуции каде што учење на далечина носи само проблеми. На една балерина или пијанист им треба настава со физичко присуство. Студентите на ФДУ, идните глумци, навистина ќе имаат проблем со он-лајн настава. Едноставно, некои профили стануваат професионалци само со вежбање....вежбање...вежбање, пракса и класична настава.


Останатите средношколци најавуваат протести, сакаат класична настава. Тоа се деца кои секојдневно се дружат „на кафе“ во кафиќи, паркови, места на кои што се собираат. Не гледаат причина зошто наставата да ја следат он-лајн кога и онака се заедно. Многу прашања и немање одговори за нас кои сме дел од образовниот систем. Три месеци поминаа откако заврши една школска година и за тие три месеци надлежните не најдоа време да ги анализираат состојбите во училиштата, да ги разгледаат методите по кои е возможно да се работи. Три месеци изгубено време за да сега пред самиот почеток на учебната година станува нервозно.

Не, не е пандемијата таа која не доведе до ќорсокак, образованието оддамна не функционира како што треба. Време е за реформи, вистински, а не реформи кои ќе го фрустрираат и учитело и ученикот. Време е да го вратиме авторитетот на учителот и да ја заживееме врската ученик-учител-родител. Многу нешто нестодига, а најмногу недостига политичка волја и визија за добро образование. Образованието е столб на едно општество, тука почнува се и не треба да е трошок туку инвестиција, инвестиција во подобра иднина.

Емилија Петровиќ - Кукуњавска (член на ТВОЈА партија)

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*