×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Fiore

    За кое Куманово ви навивате?!

    Стефан Николиќ

    Насловот е стих од една навивачка песна на Кумани, во која како заклучок после неколку лесни навреди прашува, "за кое Скопје ви навивате". На прва, според состојбата во кумановската кошарка би рекол дека кармата е незгодна работа. Но веќе на втора, доаѓам до заклучок дека кармата е соодветна на низата дејствија врз кои не може да се влијае, а испаѓањето на КК Куманово 2009 од најквалитетното кошаркарско првенство нема врска со карма, туку со некаква пресметка, која на сите ни е јасна и преку глава ни е.

    Она за што сакам да зборувам е дали кошарката во Куманово научи нешто за овие 13 сезони, во кои седум клубови беа на релација втора-трета лига, а само КК Куманво 2009 имаше привилегија да настапува во најелитната конкуренција.

    Привилегиран да, бидејќи овој клуб секогаш ја имаше најголемата поддршка од Сојузот на општински спортови, во кој членувањето и добивањето помош секогаш беше премногу бирократски, нејасно и комплицирано, а очигледно клетвите на поранешните второлигаши и третолигаши стигнаа оваа сезона, кога привилегираните на своја кожа почуствуваа како е без „општинска“ помош, и дојдоа на прагот на амбисот.

    Можеби треба да се вратиме во 2009 година, и да се потсетиме дека кога е формирано КК Куманово 2009, се формираше уште еден клуб кој требаше да го носи името "Куманово 1946". Тоа беше најава за сезона со два претставника во втората кошаркарска лига. Постојат разни приказни за формирањето и фузирањето на двете екипи, меѓутоа најбитен е резултатот кој го даде таа фузија, а тоа е пласман на Куманово 2009 во првата кошаркарска лига. Не ми е целта да кажам дека фузија е решение на проблемите и денеска, меѓутоа сакам да потсетам дека и тогаш имаше два табора кои беа апсолутно на две спротивни страни, но ја донесоа најдобрата одлука која беше во интерес за кумановската кошарка.

    Петнаесетина наши сограѓани го сочинуваа играчкиот кадар, а нов позитивен момент беше тоа што стратегија на клубот беше секој кумановец кој игра кошарка на сериозно ниво да биде дел од тимот. Така, во тој период пристигнаа кумановски кошаркари од скопските клубови, Струмица, Словенија, па дури и Германија. Некои од нив одработија само неколку тренинга, а некои се задржаа подолго. 

    Дебито во првата кошаркарска лига го сочинуваше домашното јадро во состав Даниел Милановски, Кристијан Маневиќ, Мартин Атанасовски, Милош Нинковиќ, Филип Тодоровиќ, Далибор Димковски, Бојан Златковски, Мартин Антевски и сегашниот тренер, а тогаш играч Игор Ѓорѓиевски. Тренер на тимот беше Горан Димитријевиќ, а помошник тренер Страшо Тодоровиќ, засилени со неколку домашни и странски играчи. И токму првата сезона, во своето деби овој состав беше на чекор до Супер лигата. Се се одлучуваше до последното коло, кога Куманово требаше да победи против Лирија во директен дуел за шестата позиција која носеше влез во Супер лигата. Загубија со резултат 75-72. 

    Малку спортска среќа недостасуваше домашните кошаркари да добијат поголема самодоверба за да можат да направат чекор понатаму. Веќе следната сезона управата се откажа од нив, се направи огромен рез во кој останаа само Маневиќ и Нинковиќ кои немаа запазена минутажа, а дојдоа нови 9 играчи. Сите останати гореспоменати кумановски кошаркари ги завршија своите кариери. 

    Во тоа време беше дозволено во тимот да настапуваат 4 странци. Куманово имаше 5 странски кошаркари. Тоа стана показател кој е новиот пат на клубот. Се сеќавате на Филип Брукс? Плејмејкерот кој имаше 50 поени во просек во првите три-четири натпревари за Струмица. Пристигна во Куманово како засилување. Што се случи? Според извори блиски до клубот, развојот е следен. „Српските играчи се држат меѓу себе. Брукс не добива топка на тренинг, формата му е во надолна линија, каде и да е ќе мора да замине“. Брукс одигра 4 натправери и ја продолжи кариерата во Црна Гора. 

    Што доби Куманово со новиот пристап? Одиграа 6 Супер лиги, 3 Плеј офа и 2 финалиња во домашното првенство. Две финалиња и две четврт-финалиња во БИБЛ лигата. Финале на Куп. Коректен резултат за редовен прволигаш, но за подетална оценка би требало да се земат во предвид буџетите, играчите и целиот развој на настаните.  

    Многу побитно е што остави клубот зад себе после 13 години? Можеби еден објект кој секако би бил изграден, кој набрзо по неговата изградба почна да протекува, а температурата во него на зима е пониска и од култната спортска сала. 

    Играчи. Куманово никогаш не пружи шанса на домашните играчи така како што даваше можност на играчите од страна. Кумановските кошаркари секогаш беа ниски, спори, брзи, слаби, дебели, високи, неподвижни, нескочни за да ги задоволат домашните критериуми. 

    Тренери. Некако кумановските тренери се секогаш во сенка зад играчите кои не добиваат шанса, а реално ниту еден тренер од страна не направи резултат кој домашните тренери не го остварија. Ниту еден кумановски тренер не беше испочитуван до крај, па дури и Тодоровиќ кој се закити со признанието тренер на годината и го водеше клубот до големото финале. Сите доживеаја неславен крај. Тие што беа потенцијални тренери во градот, веќе го поминаа патот како играчи, па или се далеку од кошарката или својата среќа ја бараат од Швајцарија, па се до Австралија. 

    Официјални лица. Еден делегат, двајца судии и медицински лица на кои овие достигнувања им се лични. 

    Зошто сите овие профили се одговорност на клубот? Кога бев дел од младинските категории, еден постар господин велеше: „Oд вас 50 млади, тука ако имаме 3 играчи ќе е супер. Нема сите да бидете кошаркари. Ама битно е сите да останете во кошарката. Како тренери, судии, спонзори, управа. Без луѓе нема клуб“.

    Сега во оваа прилика би ги замолил двата кошаркарски клубови да направат стратегија, план и цели, по кои и за кои ќе се движат. Малку подобри од оние пред 4 години кога МКК требаше да е сервис на ККК, и да овозможи развој на млади играчи кои ќе настапуваат во Прва лига, додека тој ќе цели на Фиба Евро Куп и АБА2. Гледаме како тој план заврши. Би го замолил и Сојузот на спортови да овозможи прецизен систем на финансирање и поддршка, кој нема да зависи од желби на поединци или моментална еуфорија, а ќе им овозможи на квалитетните спортски работници да остварат резултат.  

    Историјата е учителка на животот, па се надевам дека некој во иднина ќе извлече поука од прволигашкото КК Куманово, но и од второлигашите кои ентузијастички се обидуваа да внесат промени, а се вредни за споменување: „КСК, КК Михајловски, КК Милановски и КК Бал Фор Лајф“, како и „Ринија“ и „Пинк Пантери“, кои се уште работат со младинските категории. КК Гостивар кон крајот на овој месец ќе организира кошаркарски семинар со угледен македонски кошаркарски тренер. Настани кои ќе ја развиваат кошарката, кошаркарските работници во градот. Дали може да се повтори кога Црвена Звезда по натпреварот со МЗТ „сврати“ да поигра малку и со Куманово?

    Затоа за крај, се надевам дека мотивите за вашиот кошаркарски ангажман се целосно спортски, и нема во иднина да се вклопуваат во изјавата на еден кошаркарски работник, која ќе ја парафразирам, а за да ја задржам автентичноста ќе ја напишам на кумановски: 

    „Не ги е њима много гајле за кошарку. Они су болни к`д улегнев у салу, сви да станев и да им чукав руке како на Цица на времето…“

    Демантирајте ме на терен. Во Првата лига можат да влезат два клуба. Искрено ви посакувам и двата тима да ги завземете тие места, а следната сезона да уживаме во прволигашко дерби. 

    Стефан Николиќ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*