×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Во март минималната плата ќе биде над 20 илјади денари, најави министерката Тренчевска

    11.01.2023 18:19 | Сузана Николиќ

    Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска најави дека со новата методологија за усогласување на минималната плата таа во март ќе изнесува над 20 илјади денари.

    Во март минималната плата ќе биде над 20 илјади денари, најави министерката Тренчевска

    „Методологијата за пресметка на минимална плата, донесена во март 2022 година, е системско решение кое предвидува постојан раст на минималната плата. Решение кое нема да зависи од политичка волја, туку се усогласува со порастот на трошоците за живот и порастот на просечната плата. Во март секоја година, согласно оваа методологија ќе се усогласува минималната плата,“ кажа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

    Таа истакна дека во рамки на Економско социјалниот совет, во март ќе се разговара за минималната плата согласно податоците добиени од ДЗС.

    „Очекуваме минималната плата да биде околу 20.200 денари. Тоа е околу 12-13% или за околу 2.000 денари повисока плата од 2022 година. А ако земаме наназад, кога минималната плата беше 9.000 денари, и тоа не во сите сектори, некои сектори исплаќаа и по 8.000 денари, сега во март ќе имаме плата над 20.000 денари, што е и повеќе од двојно. За 12.000  денари повисока минимална плата,“ посочи Тренчевска.

    Таа истакна дека, Владата е насочена кон системски решенија, а не популистички мерки.

    „Во март со покачувањето на минималната плата, сите вработени во државната администрација, кои земаат плата согласно Законот за административни службеници, ќе земат плата поголема за онолку проценти, колку што е разликата односно процентот на пораст на трошоци за живот и порастот на просечната плата,“ рече Тренчевска.

    Министерката зборуваше и за нацрт законот за системот на плати во јавен сектор, кое МИОА го постави на ЕНЕР, а со тоа можност за коментари и забелешки. Таа потенцираше дека се работи за драфт верзија за која ќе се  консултираат сите засегнати страни, институциите, синдикатите и други. Таа зборуваше  за неунифицираниот систем на плати во јавен сектор, како на пример, лице кое работи во јавно претпријатие или агенција да зема плата повисока од судија на врховен суд или претседател на држава. Министерката посочи дека, законот воведува систем, кој што значи постојан раст на платите во јавниот сектор, како што е воспоставениот систем на минимална плата и пензии.

     

    2008 - 2023 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk