×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Нема трансфузиолози, пациентите од Куманово ги лекуваат далечински од Штип и Скопје

    30.07.2021 05:56 | Жаклина Цветковска , Сузана Николиќ

    На над 200 000 жители од Североисточниот регион има само еден трансфузиолог, стациониран во Службата за трансфузиона медицина во Крива Паланка, а насокоро се очекува уште еден специјалист во службата во Куманово. Тие двајцата ќе бидат единствените трансфузиолози во регионот во наредните години, бидејќи во моментов нема нови лекари, кои се на специјализација што трае 5 години, или кои се веќе планирани за ова подрачје.

    Нема трансфузиолози, пациентите од Куманово ги лекуваат далечински од Штип и Скопје

    Засега, единствен спас за бројните пациенти од трансфузиологија се специјалистите од Региналниот центар од Штип и од Скопје, кои активно ја користат телемедицината за да им одредат терапија и да ги лекуваат на далечина.

    Недостигот на трансфузиолози се најде и на врвот на листата на најдефицитарни специјалности од кои граѓаните имаат потреба во рамките на анкетата за здравствените услуги во Североисточниот регион, што ја спроведе Кумановоњуз. Тие посочија дека се соочени со повеќе потешкотии околу вршењето на прегледи и контролирањето на здравствената состојба.

     

    КУМАНОВО БЕЗ ТРАНСФУЗИОЛОГ, НЕМА ТЕРМИНИ КАЈ МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ

    Во Службата за трансфузилогија во Куманово, веќе 4 години нема трансфузиолог, па напомош доаѓаат лекари од соседните градови. Тие вршат прегледи само во понеделник и четврток, а во останатите денови пациентите можат да направат анализа на крв која се праќа кај лекарите во другите служби, по што тие електронски ги враќаат резултатите со терапијата кај матичните лекари. Пациентите се жалат дека, сепак,  најголем  проблем е закажувањето на прегледи.

    „Многу е комплицирана процедурата околу упатите. Матичниот лекар не може да ни закаже преглед преку „Мој термин“, туку ни дава упат за интернист, бидејќи, пак, само тој може да ни даде приоритетен упат за трансфузиолог. Прво чекаме кај интернист, па потоа доаѓаме овде. Чекаме и по 3-4 часа во ред за преглед. Има гужва затоа што нема редовно лекар. Јас имам шест кардио - васкулани операции од почетокот на годината и не можам сам да се движам, ама морам да чекам“, вели Миодраг Давчевски, кој го сретнавме пред амбулантата за трансфузиологија во Куманово, додека чекаше за преглед во количка.  
     

    Пациенти се жалат дека голем проблем за нив претставува и тоа што лекарите се менуваат секоја недела, и не се упатени во нивните дијагнози, па немаат континуитет во лекувањето. Тие тврадат дека доаѓаат доктори од Скопје, Штип, од Крива Паланка, па дури и докторка од Гевгелија, и дека има разлика и во терапијата што им ја препишуваат.

    „Една од докторките ми рече да правам пауза за одреден лек, другата ми кажа дека мора да продолжам да го пијам. Јас не знам што да правам. Доктор доаѓа само во четврток и понеделник, другите денови нема каде да се пожалиме или да се консултираме ако терапијата не ни одговара. Во такви случаи одиме кај интернисти. Мене ми се појави алергија од еден лек, па завршив на хирургија. Бараме да има секој ден тренасфузиолог, да се назначи еден што ќе работи само со пациентите во Куманово“, реагираат кумановци.

    Друг сериозен проблем со кој се соочуваат пациентите е обезбедување на крв за операции или други потреби. Крводарувањето може да се изврши само во двата предвидени дена.

    „За операциите на сопругот требаше ние самите да обезбедиме 6 единици крв од неговата крвна група. Не можевме да дадеме крв во други денови, освен кога доаѓа трасфузиолог, па моравме со членови од семејството да одиме во Скопје. Ова е многу сериозен проблем, се работи за живот и тука нема чекање, операцијата е закажана и нив не ги интересира што нема доктор во Куманово“, раскажуваат Верица, сопруга на Миодраг Давчевски.

     

    Немањето на трансфузиолози е голем проблем и за бремените жени, кои примаат антикоагулантна терапија и имаат потреба од месечна контрола. Тие се приморани да одат во приватните клиники да им се одреди доза на лекови кои мора да ја пијат по шема.

     

    ТЕРАПИЈАТА СЕ ОДРЕДУВА ПРЕКУ ТЕЛЕМЕДИЦИНА

    Проблемот со недостигот на трансфузиолози во Североисточниот регион, го потврдуваат и од Регионалниот центар од Штип под чии ингеренции е ова подрачје. Тие укажуваат дека сите трансфузиолози се солидарни и си помагаат за да ги опслужат пациентите од Куманово, во што многу им помага телемедицината, односно одредувањето терапија преку електронски систем, но дека главен проблем се прегледите на пациентите.

    „Функционираме преку орално-антикоагулантни ординации, а потоа ние од Регионалниот центар од Штип, како и колегите од Скопје и од Крива Паланка ги гледаме резултатите и ја одредуваме терапијата, а комуникацијата се одвива преку телемедицина. Вложуваме напори и постигнуваме да ги задоволиме потребите на сите пациенти од овој регион. Но, проблемот се јавува кога пациентот има потреба од преглед. Тогаш мора да одат во другите центри, или да чекаат на преглед кај специјалист кој доаѓа во Куманово во одредени денови“, вели д-р Мери Шорова, раководител на Регионалниот центар за трасфузиона медицина Штип.

    Неможноста да ги остварат прегледите од кои имаат потреба и долгото чекање за термин предизвикуваат големи реакции кај бројните пациенти од Североисточниот регион. За своите маки, дел од нив зборуваат и на социјалните мрежи, барајќи помош за испитувања и пристап до здравствените услуги од трансфузиологијата.

    Сите се сложуваат дека Куманово има потреба секој ден да се вршат прегледи од трансфузиолог. Но, и во сегашни услови, д-р Шорова вели дека Службата за трансфузиона медицина во Куманово е за пофалба и дека сепак успева да се справи со големиот број на пациенти за да им се одреди терапија по шема. И раководителот на кумановската служба, д-р Дритон Биљали, кој наскоро завршува со специјализацијата за трансфузиологија, вели дека се трудат да ги опслужат сите пациенти и покрај недостигот на стручен кадар.

    „Трансфузиологијата е долга специјализација, трае 5 години, и затоа мора да се планираат овие специјализации навремено, за да не се соочуваме со состојба да останеме без специјалисти од оваа област. Истовремено, мора да се стимулираат и новите лекари да ја избираат оваа специјалност. Ние се трудиме да им излеземе во пресрет на сите пациенти, работиме напорно навреме да ја добијат терапијата, правиме се за да ги добијат потребните здравствени услуги, но навистина ни недостасуваат трансфузиолози“, вели Биљали.

     

    ЛЕКУВАЊЕТО НА ПАЦИЕНТИТЕ - ИМПРОВИЗАЦИЈА

    Дека проблемот е сериозен и потребно е да се најде трајно решение укажува и претседателот на Здружението на матични лекари во Куманово, д-р Фатмир Асани, кој вели дека пациентите се оставени сами на себе повеќе од 4 години. Тој вели дека Куманово како регионален центар, треба да има лекар секој ден, а не само еднаш или два пати неделно.

    „Имаме голем број на пациенти, а нема соодветна здравствена заштита, бидејќи нема тремини зa преглед. Лекарите постојано се менуваат и не знаме за кој од нив ќе се пуштат термини. Луѓето имаат потреба од тромбо тест, да им се смени терапија или да се намали употребата на лекови, а тоа нема кој да го направи. Пациентите многу често на своја рака ја прекинуваат терапијата или ја пијат без контрола. Резултатите од контролите ни ги праќаат електронски во матичните амбуланти, па ние им ги даваме на пациентите, но некогаш доаѓаат без потребната шема за лекови“, вели Асани, кој во наше присуство пребаруваше во ситемот на „Мој термин“ и не успеа да најде слободен темин за преглед. Тој додава дека проблем е и тоа што списокот не е пречистен, па таму се наоѓаат имиња на одамна пензионирани и починати трансфузиолози.

     

    Д-р Асани потенцира дека тромбозата е сериозно заболување и не може да се импровизира, туку дека е потребен континуитет во лекувањето.

    „Се работи за сериозна терапија каде не може да има грешки, бидејќи последиците можат да бидат фатални. Трансфузиолозите треба да утврдат дали има згрутчување на крвта или крварење во организмот. За време на пандемијата, правевме Д-димери, ама со дијагноза корона, сега го нема ни тоа. Во кумановската служба сега има само еден млад доктор, ама уште не завршил специјализација. Откако пред 4 години двајцата доктори отидоа во пензија, нема постојан трансфузиолог, доаѓаат од другите градови, но тоа не е решение“, вели Асани.
     

    НИТУ КАДАР, НИТУ ОПРЕМА

    Снабдувањето со крв и спроведувањето на крводарителските акции во Службата за трансфузиона медицина во Куманово, исто така се проблем, предизвикан од недостигот на трансфузиолози, заради што мора да се ангажира екипа од Институтот за трансфузиона медицина од Скопје. Во кривопаланечката служба, пак, воопшто не се
    спроведуваат крводарителски акции и нема резерви на крвни единици заради немање на услови. Во оваа служба недостига и најосновната опрема.

    „Службата нема доплер, апарат за Д-димери, лабораторија, простор за крводарители, возило. Работиме во најскромни услови, не можам ниту годишниот одмор да го земам. Крајно време е оваа служба да се консолидира со кадар и да се опреми соодветно“, вели д-р Иванка Трајчевска од кривопаланечката служба, која е единствен трансфузиолог во моментов во Североисточниот регион.

    Доплер нема ниту во кумановската служба, а пациентите овие прегледи се принудени да ги извршуваат во приватни ординации. За други испитувања, пак, мора да одат на клиниките во Скопје.

    „Толку ли е скап тој апарат што не може државата да го обезбеди. Никој не прашува како за едно вакво вообичаено испитување мора да одиме дури во Куманово или Скопје, а да не зборувам за другите прегледи што треба да ги правиме. Особено во услови на корона, како да обезбедиме транспорт, да бидеме заштитени, да не се заразиме при превозот, при прегледот? Ова е за секаква критика, никој не го прашува болниот со какви маки се соочува“, вели револтиран пациент од Крива Паланка.


    ЛОША ПРОЦЕНКА И ПЛАНИРАЊЕ НА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИТЕ

    Недостиг на трансфузиолози има и во Источниот регион, но таму состојбата е подобра и тие се од голема помош за Североистокот. Во Кочани и Гевгелија трансфузиолозите треба да заминат во пензија, а во повеќе градови има само по еден специјалист.

    Според матичниот лекар Фатмир Асани, проблемот со недостиг на трасфузиолози е поради лоша проценка на Институтот на трансфузиона медицина и лошо планирање на специјализации од Министерството за здравство од предходната власт.

    „Апелирам до сегашниот министер да обезбеди секојдневно присуство на трансфузиолог барем и по неколку саати, бидејќи се работи за голема група на пациенти. Куманово е втор град во државата по обемот на здравствена заштита и без трансфузиолог сме на голема мака. Младиот лекар ќе специјализира за 7-8 месеци и можеби ќе се ублажи проблемот, но на Куманово му требаат барем тројца лекари за да може оваа категорија на пациенти да има перманентна здравстена заштита“, вели Асани.

    На нашето прашање дали се планира обезбедување на нови специјализации по трансфузиона медицина за Североисточниот регион или на кој начин Министерството за здравство планира да го реши проблемот со здравствените услуги од оваа специјалност, оттаму кусо ни одговорија дека, според програмата, за ова година се
    одобрени 7 специјализации по трансфузиона медицина и 2 специјализации за следната година, со што на специјализација ќе се упатуваат сите нововработени доктори на медицина.

    Но, според програмата за 2021 година, која веќе е објавена, наместо 7, одобрени се само 3 специјализации по трасфузиологија и тоа на ниво на целата држава, додека само околу 5-6 трансфузиолози се потребни во Североисточниот и Источниот регион. Лекарите апелираат да има што повеќе конкурси за нови специјализации од оваа област.

    Покрај потребата од трансфузиолози, учесниците во анкетата на Кумановоњуз сметаат дека неопходни се и интернисти/кардиолози, хирурзи, гинеколози, а недостасуват и психијатри, невролози, офталмолози и физијатри. Граѓаните имаат потреба и од пулмолози, ортопеди, инфектолози, енгдокринолози и други специјалности.

    Според програма за специјализации и супспецијализации за 2021 година за Општата болница Куманово одобрени се 14 специјализации и една супспецијализација, со кои во иднина делумно ќе се подобрат здравствените услуги во овој регион. Нови специјализации има и во Центарот за јавно здравје Куманово, вкупно 3, две специјализации се предвидени за Здравствениот дом Кратово (психијатрија и интерна медицина), додека за Здравствениот дом во Крива Паланка нема ниту една нова одобрена специјализација.