×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Рибокрадците го пустошат рибниот фонд во Охридското Езеро, ЕУ нотира низа слабости

    09.12.2021 08:03 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Рибокрадството со години „царува“ на Охридското Езеро. Ендемичните видови риби доведени на работ на исчезнување. Забрана за риболов има, полицијата казнува, но рибокрадците не мируваат. Незаконитиот риболов предизвика дисбаланс во рибниот фонд на Охридското Езеро, смета научната фела. Со децении се изловуваат само три видови риби, пастрмка, белвица и крап. Во Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија се нотирани низа слабости на полето на рибарството во земјава

    Рибокрадците го пустошат рибниот фонд во Охридското Езеро, ЕУ нотира низа слабости Фото: commons.wikimedia.org

    Пишува: Соња Рилковска

     

    Рибокрадците го пустошат рибниот фонд во Охридското Езеро. Две години на најголемото природно езеро во земјава нема рибочуварска служба, ниту концесионер. На сила е забрана за риболов, но рибокрадците не мируваат. На пазарот на црно се продаваат ендемичните видови риби.

    За рибниот фонд се грижи езерската полиција.

    Во периодот од почетокот на годинава до денес поднесени се 3 кривични пријави против 3 лица од кои едно лице државјанин на Р.Албанија за сторени 3 кривични дела „незаконит риболов“. Сторителите во текот на октомври и ноември 2021 година од страна на полициските службеници се затекнати, како во време на забрана за рибилов во водите на Охридското Езеро со риболовен алат ловат риби. Притоа, одземени им се пловните објекти, мрежи и рибарски алат како и вкупно 1,8 кг пастрмка, 2,8 кг белвица и 0,7 кг грунци, вели во изјава за „Вистиномер“ Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.

    Еколозите со години алармираат дека ендемичните видови риби се на работ на исчезнување. За надминување на проблемот тие предлагаат со Охридското Езеро да стопанисуваат општините Охрид, Струга и Поградец.

    Охридското Езеро треба да биде под концесија на локалните власти на трите општини. Треба да се дозволи единствено спортски риболов и туризам, никако користење на мрежи. Редовно да се врши порибување за возобновување на рибниот фонд. Само така ќе се спаси пастрмката од исчезнување, вели во изјава за „Вистиномер“,  Лазе Наумоски еколог од Охрид.

     

    НЕЗАКОНИТИОТ РИБОЛОВ ПРЕДИЗВИКА ДИСБАЛАНС ВО РИБНИОТ ФОНД

    Фото: „Вистиномер“ – порибување со пастрмка во Охридското Езеро

    Незаконитиот риболов предизвика дисбаланс во рибниот фонд на Охридското Езеро, смета научната фела. Со децении се изловуваат само три видови риби, пастрмка, белвица и крап. Со истребувањето на ендемичната пастрмка, се зголемува популацијата на плашицата којашто никој не ја изловува од комерцијален аспект, поради ниската цена.

     Години наназад на пазарот се нудат само три пастрмка, белвица и крап, за разлика од порано кога се нудеа десет видови риби. Автоматски имаме таргетирано целно ловење на рибите, а со тоа е зголемен притисокот на овие видови. Се врши деградирање на нивната состојба, а со тоа се прават голем број промени во езерото, вели Зоран Сппиркоски од Хидробилошкиот институт Охрид.

    Фото: Каталог Хидробиолошки институт Охрид

    Рибокрадците ловат риби кои имаат висока цена. Најскапа е пастрмката која на црно се продава по 1.000 денари килограм, потоа белвицата 400 денари и крапот од 350 денари килограм. За враќање на рамнотежата меѓу рибите во езерото мора да се изловува и плашицата, сугерираат експертите.

    Мора да се решаваат проблемите интегрално заедно со Албанија и да се направат напори оваа биомаса на плашицата која во 6-тата година на својот живот изумира, се таложи на дното на Охридското Езеро, да биде естрахирана на начин да биде понудена на пазарот, а со тоа и за тој што ќе го води процесот да биде обезбеден економски бенефит , додава Спиркоски

    Последното порибување со пастрмка е извршено во 2019 година.

     

    ЈАГУЛАТА НАМЕСТО НА СВАДБЕН ПАТ ВО САРГАСОВО МОРЕ УГИНУВА НА ТУРБИНИТЕ 

    Фото: „Вистиномер“ – порибување со јагула во Охридското Езеро

    Може ли да се обнови природниот, мистериозен пат долг 7.400 километри за оплодување на јагулата, кој е прекинат со изградбата на браните на Црн Дрим во шеесетите години од минатиот век?

    Јагулата веќе половина век угинува во турбините на хидроелектраните, а Охридското Езеро се порибува на вештачки начин. Според директивата за јагула на Европската унија, изработен е проект за ревитализација на јагулата.

    Со овој проект опфатени се трите езера Охридското, Преспанското и Скадарското. Тоа впрочем е План за управување со јагулата по целиот слив на Црн Дрим. Бидејќи не можеме да го возобновиме оригиналниот пат на јагулата се предлага Охридското Езеро да се порибува со стаклеската јагула, ларви до 8 см кои се прозрачни. Тие би се ловеле на устието на реката Бојана каде што влегуваат од Јадранското Море. На тој начин за разлика од досегашните порибувања со купен подмладок од каде било, ќе се порибува со оние коишто се автохтни и потекнуваат од овие води. За заминувањето на јагулата, бидејќи угинуваат на првата турбина, предвидено е 20 отсто од уловот на јагула на Далјан во Струга каде се насукува, да се транспортира после последната брана на Црниот Дрим во Албанија и да си го продолжи патот до Саргасово Море, појаснува Спиркоски од Хидробиолошкиот институт Охрид.

    Свадбеното патување на јагулата почнува во октомври. Групирана во јата тргнува за Саргаското Море на Атланскиот Океан, каде се оплодува на 1.000 метри длабочина. Возрасните јагули угинуваат, но тогаш започнува патувањето на нивните мали, кое трае три години. Тие се враќаа назад во Охридското Езеро по истиот пат по кој патувале нивните родители.

    За жал јагулите без природниот систем на самообновување денес егзистираат како аквариумска риба, која и покрај порибувањето константно го намалува својот број. Охридското Езеро последен пат беше порибено со подмладок од јагула во 2019 година. Во последниот Извештај ЕК забележува дека не е постигнато усогласување со Регулативата на ЕУ за јагулите.

     

    ЕУ НОТИРА НИЗА СЛАБОСТИ ВО ОБЛАСТА НА РИБАРСТВОТО

    Земјата е умерено подготвена во областа на рибарството. Не е постигнат напредок во извештајниот период, стои во Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија.

    Со заедничката политика за рибарство се утврдуваат правила за управување со риболов, се заштитуваат живите ресурси на морето и се ограничува влијанието на животната средина врз рибарството. Ова вклучува поставување на квоти на улови, управување со капацитетот на флотата, правила за пазарите и за аквакултура, како и поддршка за рибарството и крајбрежните заедници. Во наредната година, земјата особено треба: да го усогласи Законот за рибарство и аквакултура со правото на ЕУ во областа на пазарната политика, структурните мерки и државната помош;  да го подобри системот за собирање податоци и за известување; да постави повеќегодишни програми за поддршка на структурни мерки, стои во Извештајот на ЕК.

    ЕУ нотира и дека капацитетите на инспекциските служби за конторла на нелегален риболов се недоволни.

    Административните капацитети за управување со ресурсите и возниот парк и инспекциите и контролата на политиката за рибарство остануваат недоволни. Капацитетите за контрола на нелегален, непријавен и нерегулиран риболов (ННН) во согласност со барањата на ЕУ треба да се подобрат. Севкупно, Северна Македонија треба да продолжи со зајакнување на капацитетите за креирање, спроведување и примена на политики. Треба да се подобри целокупната координација, вклучувајќи ја и соработката со надлежните органи за животна средина, во однос на заштита на биодиверзитетот. Структурните мерки се покажаа како недоволни за развој на аквакултурата и за обнова на рибните фондови. Системот за собирање податоци за риболов и аквакултура треба и понатаму да се развива во согласност со правото на ЕУ. Беа преземени подготвителни мерки за усогласување со политиката на пазарот и со државната помош, стои во Извештајот на ЕК.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар