Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Европска куќа Крива Паланка, вчера се одржа панел-разговор посветен на улогата на младите во локалната демократија и значењето на Локалните младински совети.
Настанот беше модериран од Емилија Пановска – дел од тимот на Европска куќа – која го водеше разговорот со тројца претставници од Локалниот младински совет на Крива Паланка: Никола Митовски, Сара Стојановска и Анастасија Илиевска.
Во текот на 45-минутната дискусија, присутните имаа можност да слушнат што точно претставува Локален младински совет, како се формира, кои се неговите надлежности, и најважно – како младите може реално да влијаат врз локалните процеси и одлуки. Претставниците споделија конкретни примери од нивното работење, како и предизвиците со кои се соочуваат во нивната мисија да го засилат младинскиот глас.
„Можеби сме мала општина, но тоа не значи дека сме тивки. Напротив – кога младите се организираат, нивната енергија може да донесе вистинска промена,“ истакнаа од Советот.
Во фокусот беше и инклузивноста – прашањето како се вклучуваат млади од различни социјални и економски средини, вклучувајќи ранливи категории. Се отвори и прашањањето за мотивацијата: што ги натерало младите да се вклучат и што би им порачале на нивните врсници кои се двоумат дали да бидат активни.
Настанот заврши со заедничка порака од локален младински совет Крива Паланка: „Не чекајте некој друг да направи промена. Вие можете да бидете таа промена. Вашиот став, идеи и енергија се потребни – ова е можност да се слушне вашето мислење и да се изгради подобро утре за сите нас.“
Иако темата беше од значење за целиот регион, ваков вид разговори не можеа да бидат поткрепени и со искуства од соседните општини – бидејќи во Куманово и Кратово сè уште не се формирани Локални младински совети. Овој факт само го потенцира она што Крива Паланка го демонстрира веќе неколку години: дека младинското учество не е прашање на големина на градот, туку на иницијатива, храброст и желба за ангажман.
А додека некои општини сè уште „се консултираат“, младите од Паланка веќе ги пишуваат следните чекори.
Никола Митовски