Заглавени товарни возила на Деве Баир, терминалот неисчистен (видео)

12.01.2022 22:17 | Жаклина Цветковска

Повеќекилометарска колона од товарни возила, кои чекаат на влез во нашата држава од Бугарија, преку граничниот премин Ѓуешево-Деве Баир, се зaглавени повеќе часови на границата.

Заглавени товарни возила на Деве Баир, терминалот неисчистен (видео)

Превозниците реагираат дека застојот е поради неисчистениот терминал од снежната покривка на македонскиот граничен премин Деве Баир, кој создава проблеми при непреченото движење и престојот на терминалот за извршување на потребните царински процедури.

Заради нерасчистениот коловоз, вчера се превртел камион со турски таблички на овој терминал, при што била причинета материјална штета. Исто така, како што јавува МВР, вчера, на оваа локација биле повредени и двајца полициски службеници.

„Во 19.05 часот, било пријавено дека во близина на терминалот на граничниот премин Деве Баир, патничко возило „дачија дастер“, сопственост на МВР, управувано од полициски службеник, удрило во товарно возило „рено“, со турски национални ознаки, паркирано од С.А.(63) од Р.Турција. Двајца полициски службеници се здобиле со телесни повреди, констатирани во
Здравствен дом Крива Паланка. Извршен е увид“, стои во соопштението на МВР.

Превозниците велат дека секоја година се соочуваат со овој проблем, поради неисчистениот снег на терминалот на Деве Баир.

 

„Надлежните си ја префрлаат одговорноста едни на други, но никој не го одржува платото на терминалот“, се бунат превозниците од повеќе земји, кои транзитираат преку овој коридор. Инаку, патничкиот сообраќај се одвива непречено, без застои. 

 

 

2008 - 2022 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk