15 јули е денот кога Македонија ќе се исправи и ќе возврати, порача кандидатот за пратеник Бране Петрушевски
Денес официјално ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија заедно со народот ја започнува финалната битка за спас на Македонија од канџите на оваа ненародна власт во кои е заробена веќе три и пол години, порача Бране Петрушевски, претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за пратеник во Втората изборна единица.

Тој најави дека како одговорен политички субјект, кој пред сѐ се грижи за здравјето на граѓаните, ќе водат кампања согласно пропишаните здравствени протоколи во време на пандемија, користејќи ги новите дигитални алатки и социјални медиуми. Посетите на домовите на граѓаните ќе ги заменат со промотивни штандови поставени на голем број локации достапни до сите граѓани и ќе нема масовни собири.
Петрушевски апелираше до сите политички субјекти кои ќе учествуваат на изборите, со своите активности да овозможат фер и демократска изборна кампања и перфектно кредибилен изборен ден. Порача владеачката СДСМ да престане со обидите за поткуп и незаконско влијание врз гласачите, да се надмине себеси и да овозможи услови за демократско изјаснување на граѓаните, како што доликува на земја претендент за полноправно членство во ЕУ.
Од партијата го најавија проектот „Обнова на Македонија“, програма со повеќе од 1.000 проекти за секого, зад која стои ВМРО-ДПМНЕ и експертски тим.
„Се обврзуваме на раст на БДП од 4-5% годишно, намалување на стапката на невработеност под 10%, зголемување на платите од 25%, домашни и странски инвестиции од 4 милијарди евра за период од 4 години. Високи и стабилни субвенции за земјоделците и модернизација на земјоделскиот сектор. Крупни инвестиции во патната, енергетската и комуналанта инфраструктура. Зголемување на пензиите, подигање на квалитетот на здравствените услуги, заштита на животната средина, инвестиции во образованието како поттикнување на иновации, научно-истражиувачка работа и примена на новите технологии. Обновата на Македонија ќе значи обнова на духот, победа над просечноста и статус кво политиките, обнова на вредностите, но и обнова на идеалите. Обнова која ќе донесе повеќе за секого и промени кои ќе ја направат Македонија онаква во каква што сакаме сите да живееме. Следува период на нова надеж, нов исчекор, каде ќе покажеме дека не сме исти, дека сме различни од нив. 15 јули е денот кога Македонија ќе се исправи и ќе возврати“, рече Петрушевски во своето обраќање.
Тој додаде дека ја имаат најдобрата листа за пратеници во ИЕ2, каде носител е докажаниот професионалец Владо Мисајловски Кендо – кој покажал како се градат капитални проекти. На втората позиција е Рашела Мизрахи, на трето место Бране Петрушевски. На листата се и претседателот на ДПСМ Иван Стоиљковиќ, Кети Димковска и Тихомир Алексовски.
(Д.Давитковски)