Од што боледува Куманово?
Го сакам Оливер Мандиќ. Во една од неговите, за мене најубавите ноти "Ми доаѓа да го вреснам твоето име"("Дође ми да вриснем твоје име") вели: "Боледувам. Боледувам од газење и мечтаење. Боледувам од миризбите. Боледувам од измами, давања и чекања".
Ако оваа длабочина од чувства ја искористам за да пресликам како денес личи нашиот град, кој за жал, многумина се почесто го прекрстуваат во Кумановце, и со тоа да направам напор да ја посочам веќе видливата дијагноза, ќе речам вака: Пред се, мора да се земе предвид познатиот факт дека состојбите изгледаат и се доживуваат различно, во зависност од две нешта - од перспективата, како позиција или место од кое тие се гледаат, како и од перцепцијата, како начин на гледање, поимање, прифаќање и барање решенија за истите. Што си погоре, личи дека пациентот не е во загрижувачка состојба, иако постојано не се чувствува добро, па дијагнозата се поставува многу лесно: "Се е во ред, не е страшно. Само нешто малку не е како што треба. А и болеста не е од сега, секако. Не оди иљачот така лесно". А и ете, не се почитува напорот на оние кои сметаат дека успеваат во санирањето. Што си подолу, тебе те боли заради позицијата на која си и многу добро знаеш од што боледуваш - од миризбите. Од газење и мечтаење. Од измами, давања и чекања.
Ќе наведам во оваа прилика само два "заболени органи" кај нас. Пред се, многу видливиот проблем со сметот и нема ништо ново да кажам, ако посочам на невидената леснотија на изгнасување на сопствениот град. Не се тоа веќе инцидентни случаи и ретки локации, знаете. Се работи за застрашувачко трупање на сметот насекаде, до ниво на вистинско заболување од миризбите, од чекањето да се собере и исчисти, да се врати свеста на луѓето дека се работи за општо добро. Важно за сите.
Импресивно е, истовремено и фрапантно количеството на она што го тргаме од нашите домови, навистина. Импресивна е и комоцијата со која ќе го донесеме со автомобил она што го фрламе и ќе го истуриме на километри од дома, но да, реален е и фактот дека во одредени подрачја, сметот не се подига со недели. Што да прави човекот кога почнува хоророт на распаѓањето, а миризбата станува неподнослива?
Во овој контекст, сепак, мора да се нагласи дека ненавременоста на подигањето на сметот е едната страна на проблемот и независно од позицијата, перцепцијата мора да е чесна и обоена со самокритика - институциите затајуваат. И оние што треба да обезбедат доволно услови за одлагање на сметот, и оние кои треба да собираат, и оние што треба да санкционираат недозволиво однесување. Но да, мора да се изговори и дека динамиката на онечистување е толку силна, да проблемот станува практично нерешливив. Сведочиме на купови и купови разновидно, во основа, длабоко (не)човечко исфрлање насекаде, а за нас како луѓе многу говорат и чудните реакции кога овој проблем ќе се посочи низ пример на прекрасен граѓански активизам: "Засукај рукави па исчисти ако ти смета. Досадна си више сас сликање и видеа на ѓубре, што мислиш да постигнеш? Кој те плаќа овој да работиш"? (поздрав од мене за Ружица, посветениот борец за чистота. Искрено се надевам дека нејзиниот глас ќе допре до сите кои мора да го слушнат).
Вториот "орган" кој би сакала да го посочам и кој навистина бара сериозна посветеност е проблемот со стотиците луѓе кои уредно и чесно си платиле за да свијат свое гнездо и да си купат стан. Многу се одмолчува за овој проблем, а луѓето навистина боледуваат. Предолго, со сериозна закана од неизлечивост. Боледуваат од измами, од давања и чекања. Голем дел од нив живеат под кирија или во скучени простори со другите членови на семејството, заради што животите им имаат мачна димензија на неоствареност. Отплатуваат кредит. Плаќаат кирии. Чекаат некој да им каже што се случува. Да им објасни зошто било лесно кога уплатувале, а сега немаат одговор на прашањата каде е каналот, водата, струјата...што се чека? Што би кажал еден разочаран иден станар:"Дете ми појде у школу, а ја сам уплатија стан кд се роди".
Има ли некој фиљан човек, согласно позицијата на која се наоѓа, кој ќе ја објасни состојбата? Кој нема да одмолчува на отворените прашања на патилците кои само го бараат своето и ништо повеќе? Кој ќе каже кој е виновен и што треба да се направи, наместо да се префрла жешкиот костен од еден на друг, додека децата раснат во амбиент на немање одговори и во гледање на немоќта на родителите да направат било што друго, освен да чекаат? И да се надеваат дека ќе дочекаат.
Да. Боледува Куманово од многу нешта. Не знам дали се уште има простор за оптимизам дека нештата ќе станат подобри. Навистина не знам. Сакам да верувам дека еден ден, ќе успееме да излеземе од песната, заради која денес сите имаме потреба да "запееме": Ми доаѓа да го вреснам твоето име, Куманово.
Елизабета Секирарска, наставник во пензија
Други колумни од Елизабета Секирарска
Сагата за една сложувалка
12.09.2026
Паралелни корона светови
28.05.2020
Приказна за една воспитно-образовна деценија
28.05.2017
Сликичкa родена од мисла
13.12.2016
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*