29. 07. 2020 13:42

16 напади од кучиња скитници за шест месеци- граѓаните и здруженијата бараат решавање на проблемот

16 напади од кучиња скитници за шест месеци- граѓаните и здруженијата бараат решавање на проблемот

Вкупно 16 напади од кучиња-скитници пријавиле граѓаните во полицијата во Куманово, во првата половина од годината.  

 Пријави имало и во останатите општини во регионот во Крива Паланка 3 случаи и Кратово еден случај.

Куманово е eден од градовите каде што нема толку често напади во однос на другите поголеми градови, велат од МВР,  но сепак граѓаните и здруженијата за заштита на животните бараат да се реши проблемот со кучиња-скитници во градот.

„Пред неколку дена, носејќи кеса излегов од продавница и одеднаш зад мене се појавија две кучиња. Едното ме фати за нога. Се свртев, викав исплашена и за среќа двете побегнаа. Под итно да се преземе нешто, бидејќи тука се играат малите деца и нивната безбедност е загрозена“, пишуваат кумановци на социјалните мрежи.

Дел од граѓаните сметаат дека луѓето се виновни затоа што ги предизвикуваат и ги малтретираат животните, а други дека кучињата се агресивни без причина. Сите се единствени дека за да се искорени овој проблем сопствениците мора да се обврзат да ги стерилизираат своите миленичиња, а надлежните институции да направат стационар каде ќе можат да се згрижуваат оние коишто ќе се најдат на улица.

Гордан Таневски, комунален редар во Општина Куманово, вели дека по пријавите дека на одредено место има кучиња, тие излегуваат на терен и ги заловуваат, но дека истите не се секогаш на укажаните локации.

„Општина Куманово има распишано тендер за заловување на кучиња-скитници, проектот е во вредност од 870 илјади денари и се работи на заловување на животните. Откако ќе ни пријават граѓаните ние излегуваме на терен, меѓутоа кучињата се жива материја, многупати не ги наоѓаме на лице место. Но, заловуваме кучиња на сите локации во Куманово“, додава тој.

Од здружението „Ние за животните“ потенцираат дека проблемот не треба да се адресира кај бездомните кучиња, кои не се наоѓаат на улиците по своја вина. Тие велат дека  решавањето на овој проблем го гледаат во градење на стационар, кој претходно им бил ветен од градоначалникот, во стерилизирање на кучињата и неисфрлање на домашните кучиња на улица. Друго решение е, велат тие, инспекторите да ги казнуваат луѓето коишто земале да чуваат куче, а потоа го исфрлаат на улица.

„Кучето не напаѓа, доколку не се чувствува загрозено и не треба да се бара проблемот кај нив. Треба да се изгради стационар, а и сопствениците да си ги стерилизираат своите кучиња и да не ги оставаат на улица. Исто така да се казнуваат и тие неодговорни сопственици коишто ги оставаат кучињата на улица. Да не се тие ќе нема толку бездомни кучиња.  Треба да се најде начин да се субвенционира стерилизацијата на животните. Единствено, така некако да почнеме да го решаваме прашањето на бездомноста на кучињата“, вели Марина Петковска од здружението.

Се проценува дека на територијата на Општина во Куманово оваа година има околу 400 бездомни животни.

(Ф.Марковска)

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk