2500 слободни места во средните училишта

06.05.2010 10:44 | KumanovoNews

 Во четирите средни училишта во градот, полуматуранти ќе можат на овогодинешниот упис да конкурираат за вкупно 2544 слободни места во 76 паралелки на македонски, албански и српски јазик.

2500 слободни места во средните училишта

 Според Јавниот конкурс, кој го објави Министерството за образование во гимназијата “Гоце Делчев” во прва година ќе се запишат 816 ученици во 24 паралелки. Од тоа 374 ученици во 11 паралелки со настава на македонски јазик, 408 ученици  во 12 паралелки со настава на албански јазик и 34 ученици во 1 паралелка со настава на српски јазик.

Во земјоделското училиште “Киро Бурназ” ќе се запишат 442 ученици во 13 паралелки од кои 306 ученици во 9 паралелки со настава на македонски јазик и 136 ученици  во 4 паралелки со настава на албански јазик. Предвидени се насоки за: техничар за фармерско производство, ветеринарен техничар и техничар за агроменаџмент, прехранбен техничар и пекар, козметички техничар, преработувач на жито, брашно и шеќер и автотехничар-мехатроничар   

Средното општинско училиште “Перо Наков” во прва година има место за 680 ученици во 20 паралелки и тоа 340 ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик и 340 ученици во 10 паралелки со настава на албански јазик.Таму можат да се запишат идните економски  техничари, техничар за трговија и  маркетинг, правен техничар, деловен секретар, конфекциски техничар,техничар за обувки, конфекционер и  произведувач на обувки.

Техничкото училиште “Наце Буѓони” во прва година ќе запише 606 ученици во 19 паралелки од кои 286 ученици во 9 паралелки со настава на македонски јазик и 320 ученици  во 10 паралелки со настава на албански јазик за машински техничар, машински – енергетски техничар, машински механичар, електротехничар-енергетичар, електротехничар за компјутерска техника и автоматика, електромеханичар   и медицинска сестра.   

Запишувањето на учениците ќе биде организирано во два рока: На 17, 18,  29 и 30 јуни, а потоа и на 19 август. Од 2008 година средното образование е задолжително и за родителите кои своите деца нема да ги запишат ќе се покрене кривична пријава. Паричните казни се најмалку 1.000 евра.


2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk