87-годишен кумановец го победи коронавирусот, се лекувал дома
Кумановец на возраст од 87 години го победи коронавирусот во домашни услови. Од неговото семејство кажува дека С.З., откако почувствувал симптоми, на 5 ноември направил тест, кој потврдил дека е заразен од ковид-19 и по 20 дена е излекуван.

- Веднаш беше испратен на Инфективното одделение во Кумановската болница, каде му беше направен детален преглед, при што беше утвредено дека има воспаление на белите дробови и други нарушувања, но ни беше препорачано да се лекува во домашни услови со соодветна терапија. Преку Службата за домашна посета 12 дена добиваше инфузија, а потоа и инјекции. Тука бевме и ние и му помагавме по упатствата на лекарите. После првиот контролен преглед резултатите веќе беа подобри, а по 20 дена неговиот инфектолог констатира дека е излекуван, - кажуваат од семејството.
Тие посебно се благодарни до песоналот и лекарите на Инфективното одделение, Службата за домашно лекување, како и на тимот на матичниот лекар д-р Силвана Павловиќ , кои несебично се залагале да помогнат при лекувањето и да им дадат поткрепа во најтешките моменти на неизвесност како болеста ќе се развива.
- Многу сме задоволни од нивниот однос и еве јавно сакаме да им се заблагодариме. Нивниот пристап во лекувањето и поддршката е најзначаен, покрај имунолошкиот систем на организмот. Ние се плашевме поради неговата возраст иако не беше во ризичната група, но има висок крвен притисок и други проблеми кои се нормални во негови години. Тој одсекогаш беше физички активен, до 82 години возеше велосипед по 10 километри. Но, болеста е непредвидлива. Секако, ова е голем успех за него и затоа сакавме да го споделиме нашето искуство со останатите граѓани, да не се откажуваат и да се борат, а најважно од се` е навреме да побараат здравствена заштита за да можат лекарите да им помогнат, - додаваат роднините.
Семејството не знае каде нивниот родител се заразил, претпоставуваат дека сигурно некој до најблиските бил асимптоматски, бидејќи тој главно седел дома и немал контакт со други лица.
Куманово е жариште на коронакризата и има регистрирано 3482 заразени и 915 активни случаи. Над сто се починати. Кумановската болница е пребукирана од пациенти на кои им треба болничко лекување.
Досега се оспособени три Ковид одделенија, а медицинскиот персонал е на крајот на издржливоста од премор. За да помогнат во техничкиот дел на работата оваа недела се прилучија десетина волонтери.