Адеми: Онлајн настава до 10 јуни, годинава нема државна матура
Учениците од основните и средните училишта ќе ја продолжат наставата од дома до 10 јуни, додека матурантите оваа година ќе бидат ослободени од полагањето завршен испит и ќе можат со дипломата издадена за завршено средно образование да се запишат на некоја од високообразовните институции во земјава.

Министерот за образование, Арбер Адеми на прес-конференција напомена дека тековната учебна година до крај ќе продолжи да се реализира преку организирање на далечинско учење, односно учење од дома.
- Кризниот период се чини дека полека поминува, но и натаму постои ризик по здравјето на граѓаните. Така што, учениците нема да се вратат во училишните клупи до 10 јуни. Апелирам и ги охрабрувам сите учесници во воспитно – образовниот процес максимално да се ангажираат и продолжат да ги извршуваат своите обврски и да дадеме еден заеднички придонес за квалитетот на далечинското учење да се издигне колку што е можно повеќе над оптималното ниво“, истакна Адеми, напоменувајќи дека на сите наставници кои до денот на прогласување вонредна состојба биле ангажирани со договори на определено, работниот однос им се продолжува до крајот на учебната година, а воедно ќе се обезбеди и соодветна замена за секое испразнето работно место на наставник.
Што се однесува на уписот на првачињата кој вообичаено и согласно законските прописи започнува во месец мај, согласно условите ќе започне во јуни.
„Со тоа, родителите и старателите имаат време да се подготват, да ги обезбедат потврдите за задолжителни примени вакцини, како и за извршени стоматолошки и офталмолошки прегледи од надлежна здравствена установа“, потенцираше Адеми, додавајќи дека списоците со запишани ученици, училиштата ќе ги објават најдоцна до 15 јули.
Учениците од завршните години во средните училишта, се ослободуваат од полагање државна матура, училишна матура и завршен испит во учебната 2019/2020 година.
„На овој начин сакаме да им помогнеме, да го елиминираат стресот од подготовка за полагање на својот последен средношколски испит во овие вонредни околности и да им овозможиме да ја започнат потрагата по соодветен работен ангажман, или пак да го продолжат своето образование на повисоко, академско ниво“, рече Адеми, истакнувајќи дека покрај лицата со положена државна матура во некоја од изминатите години или меѓународна матура, на факултет во земјава ќе можат да се запишат и сите лица кои се стекнале со диплома за завршено четиригодишно средно образование во оваа учебна година.