„Атлета“ освои 12 медали на Државниот натпревар во спортска гимнастика
Гимнастичарите на „Атлета“ освоија 12 медали на Државниот натпревар во спортска гимнастика, кој викендов се одржа во Скопје.
Во поединечна конкуренција, натпреварувачите освоија три златни, пет сребрени и три бронзени медали, а во екипна конкуренција го освоија првото место во машка спортска гимнастика, во категоријата помлади пионери.
„Нашите натпреварувачи повторно остварија одлични резултати, освојувајќи медали и високи пласмани на Државниот натпревар во спортска гимнастика. Горди сме на трудот, дисциплината, упорноста и спортскиот дух што нашите деца ги покажуваат секојдневно. Секој тренинг, секое вложување и секој совладан предизвик нè носат чекор поблиску до нови успеси. Голема благодарност до родителите за довербата и безрезервната поддршка, како и до тренерите за нивната посветеност и професионална работа. Овие успеси се резултат на заедничкиот труд, љубовта кон спортот и вербата во нашите деца. Заедно продолжуваме да градиме успешна спортска приказна и светла иднина за нашите млади гимнастичари“, велат тренерите Филип Миленковски и Никола Златановски .
Во програмата А, во поединечна конкуренција, во категоријата помлади пионери, првото место го освои Ангел Трајковски, втор беше Илиан Стојановски, а трет Урош Радевски. Кај постарите пионери, Јаков Стојановски го освои третото место.
Во Б-програмата, во машка конкуренција, во категоријата помлади пионери, Војдан Крстевски го освои второто место, додека екипата на „Атлета“ беше прва во екипното натпреварување.
Кај постарите пионери, Бојан Христовски го освои првото место, Даме Јаневски беше втор, а Симон Петковски трет.
Во јуниорска конкуренција, Георгиј Мартиновски го освои првото место, Михаил Додевски второто, а Глигор Трајковски третото место.
Во женска конкуренција, Лана Петковска го освои второто место во категоријата помлади пионерки.
