Аудиција за детскиот фестивал „Распеано детство“
Во малата сала на основното училиште „Браќа Миладиновци“, утре (30.01) од 16 до 19 часот, ќе се одржи аудиција на солисти за детското фестивалче „Распеано детство“.

Од Здружението за уметност, култура и заштита на културното наследство „Ризница“ од Куманово, кои по неколкугодишна пауза го возобновуваат фестивалот, ги повикуваат сите заинтересирани дечиња да дојдат на аудицијата и да бидат дел од младата музичка сцена на Куманово.
- Планираме фестивалчето да се одржи на 29 и 30 мај во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Фестивалот ќе биде од меѓународен карактер, ние веќе имаме заинтересирани учесници за фестивалот од Бугарија, Србија, Косово, Албанија, Грција, а во преговори сме со една екипа од Италија, - вели Драган Митевски, претседател на „Ризница“.
Фестивалот „Распеано детство“ за првпат се одржал во 1976 година, во организација на тогашната Културно-просветна организација. Последен организатор беше Центарот за детско творештво од 1999 до 2005 година.
- Сакаме да го возобновиме овој фестивал за да ја вратиме насмевката на децата, бидејќи сметаме дека недостасуваат големи настани за нивна возраст. Сеуште ја паметам еуфоријата на децата од времето кога се одржуваше фестивалот во некогашниот Дом на пионери и со нетрпение го исчекуваа секое ново издание, - вели уметничкиот директор Игор Трајковски.
За ова познато фестивалче песнички пишувале најпознатите македонски композитори и текстописци. Организаторите веруваат дека со помош на локалната самоуправа и надлежните институции повторно ќе го врата сјајот на оваа музичка манифестација за најмалите.