×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Flex Credit

    Авелина - враќање кон природата и корените (видео)

    14.03.2022 19:16 | KumanovoNews

    Деградацијата на културата е главниот мотив на младите членови од музичката група „Авелина“ да создаваат автентична изворна музика со која се навраќаат на корените и на симбиозата на човекот со природните сили.

    Авелина - враќање кон природата и корените (видео)

    Ова за нив е повик да се твори, отелотворен во филозофијата дека духот го движи постоењето, а тие сакаат да го препознаат и да соработуваат со него.

    Авелина постои веќе две години, а јадрото на оваа група го сочинуваат Сара Александровска, Дамјан Поповски и Никола Наумовски, сите од Куманово, млади уметници и креативци, кои создаваат поезија од музички ноти. Инспирацијата ја наоѓаат во традицијата, историјата, во изворното творештво на човештвото.

    „ Не се задржуваме на еден временски период од историјата, туку земаме од секаде по нешто, од антиката, од турско, од многу сегменти на нашата историја, а имаме дури и примордијан, да не речам шамански сегменти кај што има примордијален звук. Нашиот народ има богата и долга историја и во принцип ние сакаме некако да се поврземе со земјата, односно со духот на поднебјето, за да поисконски и поизворно ги кажеме нештата“, вели Сара.

    Во музичкиот свет се издвојуваат по традиционалната изворна хармонија, специфичните инструменти, автентичниот пристап кон творењето. Велат дека македонската музика има полиритмија и многу посебни сегменти во кои се познава нашата етничка дејност и постоење, но и сличности со другите балкански култури, особено со Бугарија и Србија.

    „Моментално во светот има движење на неофолк, тоа се забележува кај Скандинавците веќе 10 години континуирано. Значи, се враќаат кон старите обичаи и традицијата. Исто така, и Пољаците , и Русите, Хрватите и други имаат исто така неофолк движење, а Бугарија дури на многу високо ниво. Потребата да се вратиме кон коренот е едноставно вродена, тоа постои во светот на идеите и едноставно струи низ луѓето и не може да се сопре. Сите сакаат да си го дознаат коренот, бидејќи со брзиот развиток на технолошките дејности одиме во неповрат“, смета Сара.

    При создавањето на музиката се навраќаат на исконските елементи, а го критикуваат современиот свет.

    „Современиот свет се трга се подалеку и подалеку од природните нешта, а ние се повеќе и повеќе го критикуваме тоа оддалечување од природата и советуваме на повторно враќање назад кон овие исконски нешта“, посоува младата музичарка.

    Иако постојат само две години, веќе имаат издадено еден албум и два видео записи, а во подготовка е втор албум и нов видео запис. Нивната музичка интерпретација и сценски настап предизвикуваат големи емоции и воодушевеност кај публиката, на што самите музичари се уште гледаат со неверување.

    „Бев зачудена што таква музика како што прави Авелина ќе стигне до 10.000 прегледи. Очекував 500 прегледи на Јутуб, искрено, бидејќи мислев дека тоа за овдешните простори ќе биде декларирано како секташка музика. А во принцип не е ништо друго, освен копање по коренот и претставување на природата и природните сили. На нашите настапи во Скопје и Куманово имаше голем одзив, за чудо салите се наполнија, а публиката не охрабруваше дека тоа што го работиме е многу добро, сме ги исполниле со чувства. Така да, луѓето тука се жедни за култура, иако генерално од културолошки аспект владее тешка депресија“, вели Сара.

    Се што направиле досега, го правеле од љубов, иако сметаат дека во Македонија е многу тешко да се работи. Сепак не се откажуваат, најважно им е творењето низ кое сакаат да го интерпретираат она што имаат да го кажат, а што извира од нивната душа.

    „Ние пробуваме да се отргнеме од ставовите, да имаме чиста и јасна емоција и визија за нештата. Глобалните ситуации сите не афектираат на еден или на друг начин, но ние пробуваме да се движиме на патот кој е продуктивен за природата првенствено и да ги искажеме мислите, односно силите на природата, така што сме нутрални“, го појаснува Сара ставот на Авелина.

    Нивната генерална порака што сакаат да ја испратат е дека сите култури во светот имаат посебна улога во постоењето и се многу битни за да се достигне хомогеност во човештвото. И порачуваат луѓето да се вратат на животот, да гледаат во дрвјата, цвеќињата, во небото и во постоењето, наместо во екраните, кои не сведуваат на роботи.

    Хармонијата со природата, корените и чистите емоции се битот на музичката група Авелина и пато по кој тие продолжуваат со својата музичка подукција.

    „Сега снимаме втор албум што ќе биде многу поразличен од првиот и моментално подготвуваме спот за песната, „Темна гора“. Набрзо ќе ја чујат сите, таа ни е највисоко достигнување засега што го имаме создадено и тоа ни е моментално најголемата преокупација во постоењето“, вели младата и амбициозна уметница, која по професија е дипломиран режисер.

    2008 - 2022 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk