×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Биди и ти Гимназијалец

    08.06.2020 09:34 | KumanovoNews

    „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“ е мислата на нашиот патрон Гоце Делчев, која 75 години нѐ води нас вработените и учениците по патот на науката, во постојан натпревар во знаења и вештини, освојување награди, признанија и оформување на нашите ученици во сестрани личности.

    Биди и ти Гимназијалец

    Биди одлучен и сигурен за изборот на својата иднина, биди дел од едно неверојатно, а толку корисно патување што ќе те насочи на твојот животен пат. Биди и ти Гимназијалец! Гимназијата дава можности, информирајте се и изберете вистинска насока и подрачје“, велат од СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово, во пресрет на запишувањето на основците во средните училишта.

    УСПЕШНА ПРИКАЗНА РАСКАЖАНА ПРЕКУ УЧЕНИЦИTE

    Развојот на образованието, како и посветеноста и самодисциплината се во тесна врска со мотивацијата и инвестирањето во самите ученици чии достигнувања даваат посебен импулс и стимул за идните генерации. Голем број некогашни гимназијалци на социјалните мрежи со гордост ги споделија своите приказни за средношколските денови поминати во Гимназијата. Дарко Мартиновиќ и Мирјана Ристовска се софтверски инженери кои работат во престижните компании Amazon, односно Google. Анастасија Паневска работи како асистент и истражувач по молекуларна биологија на Универзитетот во Љубљана, Оља Стојковска завршува како најдобар студент на Болоња Универзитетот и се вработува во една од најреномиратите адвокатски канцеларии во Милано. Дел од нив се успешни ликовни, драмски, музички уметници, а пак другите своето образование го продолжуваат на факултетите во Франција, Италија, Словенија, Австрија и други европски земји. Други од нив своето место „под небото“ го наоѓаат и во нашата држава: Нена Ангеловска која студираше во Санкт Петербург, Русија, сега работи во компанија за одржување на воздухоплови која е базирана на скопскиот аеродром. Јане Стаменов, кој е потпоручник и официр во нашата армија, неодамна дипломираше на воената академија во Colorado Springs во САД, на смерот аеронаутичко инженерство. Многумина се доктори, ИТ експерти, финансиски аналитичари или пак спортисти. Овогодинешниот првенец на генерација Андреј Величковски, кој е првак по информатика во државата и трет во светот, своето образование ќе го продолжи во нашата држава. Сите тие а и многу други, во еден глас, без „трошка“ двоумење и со гордост велат: БИДИ И ТИ ГИМНАЗИЈАЛЕЦ!

    УПИС ВО ГИМНАЗИЈАТА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ВО КУМАНОВО

    Во прва година во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово, ќе се запишат 374 ученици во 11 паралелки (340 ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик и 34 ученици во 1 паралелка со настава на српски јазик) според наставните планови и програми. Во Гимназијата „Гоце Делчев“  се реализира и билингвална настава, односно има една билингвална паралелка (македонско–француска), каде учениците во текот на четиригодишно учење слушаат настава и на француски јазик.

    Првото пријавување и запишување на учениците е на 16 и 17 јуни, второто пријавување е на 24 и 25 јуни и третото на 29 јуни 2020 година.

    УШТЕ ОД ПРВА ГОДИНА УЧЕНИЦИТЕ ИЗУЧУВААТ ДВА СТРАНСКИ ЈАЗИЦИ, А ВО ВТОРА ГОДИНА ВЕЌЕ СЕ ОПРЕДЕЛУВААТ ЗА ОНА ШТО НАЈМНОГУ СЕ БАРА НА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ

    - Почнувајќи од предметите информатичка технологија и елементарна алгебра, па сѐ до предметот говорење и пишување кој е основа на денешниот маркетинг, без кој не може да функционира ниту една успешна компанија.

    Изборот на насока (подрачје) како и пакет (комбинација) А или Б , учениците го прават при уписот во прва година, каде покрај останатите предмети, како втор јазик можат да го изберат францускиот, италијанскиот, германскиот или рускиот.

    Веќе во втора година можат да одберат и еден од следниве изборни предмети: латински јазик, Иниорматичка технологија, елементарна алгебра и геометрија, говорење и пишување или етика.

    ИЗБОР НА ВИСТИНСКА НАСОКА

    - Во трета и четврта година гимназијалците ги финализираат своите знаења и вештини за посакуваната идна професија.

    Од големо значење се предметите по подрачја и комбинации во трета и четврта година.

    Учениците тука се одлучуваат за избор помеѓу природно-математичкото подрачје А и природно-математичко подрачје Б, каде ги изучуваат и предметите линеарна алгебра и аналитичка геометрија, алгебра, програмски јазици, математичка анализа и физика и други. Тие  всушност претставуваат главна основа и за компјутерските и за математичките надоградби.

    Љубителите на хуманистичките науки можат да изберат општествено-хуманистичко подрачје А или Б, каде ќе можат да изучуваат филозофија, психологија, менаџмент, логика, вовед во право, социологија, економија и други. Тие можат да се стекнат со знаења од областа во хуманистиката, а со тоа да станат вешти и во говорот и во мислата, кои се главно оружје на секој успешен човек.

    Доколку пак се определат за јазичко-уметничко подрачје А или Б, тогаш ќе можат да изучуваат и трет странски јазик, а и компаративна книжевност. Својата креативност можат да ја искажат во областа на филолошките науки, или можеби уметностите: ликовнa, музичка или драмска. Во зависност од подрачјето А или Б, а со самото изучување на три јазици тие веќе се во голема предност, во време кога речиси сите патуваат, живеат или работат пак надвор од нашите граници.

    БИЛИНГВАЛНАТА ПАРАЛЕЛКА КАДЕ УЧЕНИЦИТЕ ИМААТ НАСТАВА И НА ФРАНЦУСКИ ЈАЗИК ИМ ОВОЗМОЖУВА ПОСЕТА НА ФРАНЦИЈА И ОТВОРАЊЕ НА ПРОФЕСИОНАЛНИ МОЖНОСТИ

    Ова е проект кој училиштето успешно го спроведува уште од 2001 година, преку кој учениците имаат можност да заминат во Франција, да се запознаат со нивната култура, но и со нивниот образовен систем, да работат на заеднички проекти и да им бидат отворени многу професионални врати за во иднина.

    „Преку негување и усовршување на овој јазик, учениците од билингвалните паралелки ја добиваат можноста за полагање на матура на француски јазик, која е признаена на меѓународно ниво, а и можност да бидат дел од француските студии. Стекнувајќи ја ваквата можност за настава на француски јазик, гимназијалците ја добиваат и можноста за дружење со ученици од Франција и уживање во нејзините убавини“, велат од Гимназијата „Гоце Делчев“.

    МЕЃУНАРОДЕН ПРОЕКТ ЗА СОРАБОТКА СО РУСИЈА

    Овој проект на соработка со Гимназијата №13 од Санкт-Петербург е започнат во учебната 2007/2008 година и до сега непрекинато трае. Секоја година се остваруваат средби во Куманово или во Санкт Петербург.

    Во основата на проектот е популаризацијата на рускиот јазик меѓу учениците во нашата земја и на македонскиот јазик меѓу учениците во Русија. За многу кратко време, руските ученици почнуваат да зборуваат на македонски, а македонските на руски јазик. Во овој проект се стекнуваат пријателства за цел живот и во него учествуваат ученици, наставници и родители од двете училишта.

    Преку овој проект, учениците имаат можност да го посетат Санкт Петербург, еден од најубавите градови во светот и да уживаат во белите ноќи (природна појава кога воопшто нема ноќ). Секоја втора година учениците заедно со наставниците присуствуваат на најголемиот празник во Русија, 9 Мај – Денот на победата.

    ПРЕКУ ЕРАЗМУС+ ПРОЕКТИТЕ СЕ ПОСЕТУВААТ МНОГУ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ, СЕ СТЕКНУВААТ ПРИЈАТЕЛСТВА И СЕ РАЗВИВА СВЕСНОСТ ЗА КРИТЕРИУМИТЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО РАЗЛИЧНИ ЗЕМЈИ

    Во Гимназијата има повеќе Еразмус+ проекти и тоа: „Ослободување на нашите умови од стереотипни идеи”, „30 е многу доцна”, „Нови димензии во образованието”, „Активни граѓани во Европа”, „Заштита на животната средина”, „Училишно онлајн радио”, „Претприемачки вештини за светот на бизнисот”, „Долгиот пат до слободата и достоинството”, „Основи на ученичката автономија во размислување и делување”, „Промовирање на употреба на технологијата во образовниот процес“ и  „Повеќе учење во природа”. Самите европски проекти и мобилности  разработуваат најразлични теми за работа во доменот на едуцирање и неформално образование на младите средношколци и промовираат европски вредности.

    Се обработуваат темите за имиграција, демократија, стереотипно размислување и дискриминација во образованието, граѓанска инволвираност, полова и расна еднаквост, религија, работа со талентирани ученици и следење на нивниот развој во рамките на училницата од 21 век, кои даваат поинакво поимање на образованието.

    Многу е важно дека дел од овие проекти имаат за цел да ги сензибилизираат учениците за тимска работа, лидерство, претприемништво, критичко размислување и развој на комуникациски вештини за деловниот свет и професионалниот живот, ИКТ вештини, обиди за новинарство и емитување на радио програми, запознавање со необични рекреациски игри и познавање на странски јазици. Додека пак, наставниците се насочуваат да ги интегрираат овие нови методи, техники, стратегии и вештини во образовните програми за подобрување на квалитетот на образовниот систем.

    Притоа, не смее да се изостави и големиот број на социјални контакти и посета на необични места кои учениците имаат прилика да ги остварат. Земји учеснички во проектите се: Северна Македонија, Турција, Шпанија, Португалија, Литванија, Данска, Латвија, Италија, Полска, Австрија, Хрватска, Србија, Словенија, Романија, Грција и Бугарија.

    УЧЕНИЦИТЕ ПРЕКУ НАЈРАЗЛИЧНИ АКТИВНОСТИ СЕ УЧАТ НА САМОСТОЈНОСТ И ИЗРАЗУВАЊЕ НА КРЕАТИВНОСТА

    Нивните професори, следејќи ги најуспешните образовни системи, ги потикнуваат на креативност, самостојност, професионалност, исполнување на своите идеи, на гласноговорност и секако стекнување на емоционална интелигенција, која им овозможува да имаат „чувство“ за работа, а со тоа и да бидат поинакви на пазарот на трудот.

    Преку низа  различни активности кои вклучуваат изработка на проекти од определена тематика, учениците  ја  изразуваат нивната креативност со  помош  на  наставникот – ментор. Тие се вклучени во многубројни активности од областа на: информатика, музиката, ликовно-творечки  активности, литературни клубови и драмска секција, култура за здраво живеење, природни науки (математика, физика, хемија, биологија, географија), урбана култура, иновации и претприемништво, мир, толеранција и заштита, спортски проектни активности, латински јазик, граѓанска култура, секциии насловени како „Учи СО најдобрите, учи ОД најдобрите“ и други.

    КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР НА УЧЕНИЦИТЕ

    Критериуми за избор на учениците се: среден успех на ученикот од VI до IX одделение, среден успех на ученикот постигнат по четири предмети (македонски јазик и литература, странски јазик и два предмети што се од значење за струката), дипломи за освоени (I, II и III) места од меѓународни натпревари, како и државни натпревари (организирани од акредитирани здруженија од Министерство за образование и наука) по македонски јазик и литература, странски јазик, природни науки, математика, хемија, физика, биологија и географија и наставни предмети што се од значење за струката односно изборното подрачје и средна вредност од поени добиени за поведение.

    Минимум потребни поени за упис во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово се 60.

    Повеќе информации на: www.gdku.edu.mk

    СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ - Куманово/ Gymnasium "Goce Delchev" – Kumanovo

    @gimnazijagocedelcev

    (Ф.Марковска)