Се чистат дивите депонии во „Бавчи“, ќе се постават нови контејнери
Екипи на ЈП „Чистота и зеленило“ вчера започнаа акција за расчистување на дивите депонии во населбата “Бавчи“, по што ќе бидат поставени нови контејнери.

За два дена биле изнесени 10 камиони со над 240 кубика смет, кои несовесните граѓаните го фрлаат покрај улицата и на останатите места.
„Откако ќе се исчисти на три локации ќе бидат поставени 15 контејнери. Ги повикуваме граѓаните да не ги оштетуваат, да не ги палат и да не им ги крадат тркалцата, како што тоа го правеа во изминатиот период. Апелираме да ги сменат навиките, сметот да го фрлаат во новите садови а не надвор од нив. Да се подигне на повисико ниво хигиената, бидејќи од високите температури демне опасност по здравјето и безбедноста на граѓаните во населбата“, велат од ЈП „Чистота и зеленило“, кои по кој знае која пат ги чистат депониите.
Дивите депонии во населбите „Перо Чичо“, „ Бавчи“, „Средорек“ и по течението на реката Кумановка, се децениски еколошки проблем на градот, кој локалните власти не успеваат да го решат. Граѓаните се разочарани и бараат координирана акција на сите надлежни служби со строги казни за прекшителите на законот, за да се спречи самоволието на поединци кои го загрозуваат здравјето на сите граѓани и ја уништуваат животната средина. Дивите депонии се палат во текот на целата година и го трујат целиот град, како што беше случај и во изминатите денови.
Во создавањето на депониите помагаат и превозниците со импровизирани мотокултиватори и други возила, кои отпадот од домаќинствата го исфрлаат на овие локација наместо да го носат на депонијата „Краста“.