„Будење“ до Советот достави потписи за референдум
Над 1000 потписи собра граѓанската иницијатива „Будење“, која бара од Советот на Општина Куманово да распише референдум против градење станови на бегалците во Општината.

Барањето за донесување одлука за распишување на референдум, денеска го доставија до архивата на општината и очекуваат утре да се најде на дневен ред на редовната седница.
„ Денеска ја поднесовме иницијативата во Општината и во рамки на законската легислатива, согласно Законот за референдум, ние официјално покренуваме граѓанска иницијатива за распишување на референдум во Општина Куманово, против евентуално обезбедување услови за трајно населување на мигранти на територијата на општина Куманово. Согласно законот ние бараме од Советот на Општината, по сопствена иницијатива да донесе одлука за распишување на референдум и точката на дневен ред да биде ставена на утрешната седница на Советот, - изјави Розита Симоновска-Аритонова.
Од „Будење“ ги повикаа советниците да гласаат за одлуката за распишување на референдум, а примерок од собраните потписи ќе бидат доставени до претседателот на Советот, градоначалникот и кординаторите на сите советнички групи.
Граѓанската иницијатива собрала над 1000 потписи, а акцијата продолжува и наредните денови.
„Наидовме на масовен одзив кај граѓаните на Куманово, кои го препознаа моментот и неопходноста од давањето на подршка за распишување на реферндум и против трајно населување, се со цел да ја зачуваме нашата иднина“- тврдат од „Будење“.