Изгласан буџетот на Куманово за 2026, вреден 48,5 милиони евра
На маратонската седница што траеше 16 часа и заврши во два часот по полноќ, Советот на Општина Куманово го усвои Буџетот за 2026 година во износ од 2,99 милијарди денари или 48,5 милиони евра.
Буџетот помина со поддршка на 18 советници, додека осум беа против, а двајца воздржани, при што власта го оцени како развоен, а опозицијата како недоволно амбициозен.
Основниот буџет за наредната година изнесува 1,25 милијарди денари или околу 20,5 милиони евра, додека приходите од самофинансирање, дотации и донации изнесуваат 1,73 милијарди денари, односно 28 милиони евра.
Во основниот буџет, за капитални инвестиции од развојната програма се предвидени 650 милиони денари, од кои 450 милиони за проекти финансирани од кредитот што го обезбеди Владата.
„Најголем дел од развојната програма отпаѓа на унгарскиот кредит и точно се знае за кои проекти ќе се користи. За дел од нив веќе се започнати постапки, дел се во процедура, а за поголем дел постапките се завршени и се избрани изведувачи“, изјави Фросина Милковска од Секторот за финансиски прашања.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, смета дека буџетот има сериозна развојна компонента, бидејќи предвидува реализација на голем број капитални проекти и зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија.
„Тоа во практика ќе значи повисоко ниво на хигиена во градот, поуредени зелени и цветни површини, проширување на гасоводната мрежа со акцент на старата индустриска зона, како и поставување подземна инфраструктура таму каде што ќе се асфалтираат улиците. Предвидени се и значителни средства за финансирање спортски и културни настани“, рече Димитриевски.
Тој најави дека кон средината на наредната година е планиран ребаланс на буџетот, а дополнителни средства ќе се обезбедат и од продажба на државно земјиште во индустриската зона Речица.
Советникот Благојче Јаќимовиќ од НСДП најави дека нема да го поддржи буџетот, оценувајќи дека не е развоен, а капиталните расходи ги нарече „смешни“, бидејќи од предвидените 650 милиони денари, 580 милиони се од унгарскиот кредит.
„Средствата од Владата имаат реализација од само 50 отсто. Што ќе правиме ако Владата не ни ги уплати? Минатата година имавме суфицит од 345 милиони денари, оваа година 70. Дали ќе имаме можност да дотираме, доколку има потреба? Како ќе се распределуваат тие средства и што ќе правиме со јавните набавки, кога треба да ги распишеме за целата сума, а имаме обезбедено средства само за половина година? Освен проектите од унгарскиот кредит, од сопствени средства имаме само 30 милиони денари за бекатонирање и редење лего-коцки низ градот“, изјави Јаќимовиќ.
Во развојната програма за 2026 година е предвидена изградба и реконструкција на повеќе улици, водоводна и канализациска мрежа, проширување на гасоводната мрежа, довршување на спортската сала и малиот плоштад, изградба на кружен тек, како и доуредување на инфраструктурата во индустриската зона Речица и други проекти.
Куманово од фондот на унгарскиот кредит доби 800 милиони денари. Дел од проектите започнати годинава ќе продолжат и во 2026 година, а средствата за нив се префрлени во новиот буџет.
Во буџетот се предвидени и средства за субвенционирање на јавниот превоз, финансирање на програмите на јавните претпријатија, социјална помош за ранливи категории граѓани, поддршка на невладини организации и други намени.
Седницата на Советот на Општина Куманово имаше 74 точки на дневен ред и траеше 16 часа. Иако советниците од опозицијата побараа расправата да се прекине пред полноќ, поради пад на концентрацијата и зголемена нервоза кај дел од советниците, претседателката на Советот го одби барањето и седницата продолжи до доцна во ноќта.