Чавков:Нападот во Куманово е изолиран случај
Терористичкиот напад во Куманово на 9 и 10 мај беше изолиран случај, кој не доби поддршка од локалното население, изјави министерот за внатрешни работи , Митко Чавков при денешната посета на Полициска станица Куманово.

Во просториите на СВР Куманово покрај Чавков, беа присутни и американскиот амбасадор, Џес Бејли и градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски кои заедно дискутираа за последните случувања и безбедноста во Куманово.
“Куманово е безбедно, тоа се изолирани настани од поединци, групи кои не наидоа на поддршка од локалната заедница. Јас ви гарантирам како министер за внатрешни работи дека полицијата многу интензивно, многу поактивно ќе работи на пронаоѓањето и благовременото идентификување на евентуални закани и реагирање на таквите закани. Безбедносните сили не затаија, бидејќи откако добивме релевантни информации развивме мерки и активности, за анализа на тие информации, соодветно постапување по информациите, развивме оперативни планови за реализација на оперативна акција и управување со ризици и ефектот од тоа беше елиминирање на криминално-терористичката структура“ - изјави Чавков.
Амбасадорот Бејли изрази сочувство за загинатите полицајци во вооружените дејствија, но и за траумите кои ги преживеа цивилното население пред две недели.
“Најважно е што луѓето беа заедно и ги отфрлија можностите за меѓуетнички конфликт, и дека насилството е неприфатливо. Тоа беше важна порака и затоа сум тука, за да го изразам посветеното пријателство на САД и да зборувам со локалните лидери“ - рече Бејли.
Градоначалникот Зоран Дамјановски најави дека во наредниот период ќе имаат средби со министерот Чавков и стојат на располагање за помош на семејствата на загинатите полицајци.
Министерот Чавков вети соработка со локалната самоуправа и ќе ја посети општината. Ќе му ги изнесам моите видувања за состојбите и за начинот како да ги надминеме, – изјави Дамјановски.
Според министерот, истражувања на ОБСЕ покажале дека довербата во полицијата се зголемува од годинава во година, но ќе настојуваат во иднина да ги откријат слабостите и да го подобрат своето работење.