Мени

Ќе предложиме до Владата санкционирањето за неносење заштитна маска да почне веднаш, кажа Филипче

26.04.2020 17:03 | KumanovoNews

Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, утре ќе достават предлог до Владата, санкционирањето за неносење заштитна опрема да почне веќе веднаш, односно утре или најдоцна во вторник, затоа што граѓаните не ја почитуваат оваа одлука и маските ги носат на вратот или во раце.

Ќе предложиме до Владата санкционирањето за неносење заштитна маска да почне веднаш, кажа Филипче

„Сакам повторно да апелирам дека оваа мерка мора да се почитува и дека заштитната опрема се носи така како што е пропишано, на затворено и на отворено кога нема и не може да се држи физичка дистанца од два метра. Секако дека има граѓани кои оваа мерка ја почитуваат и сакам да се заблагодарам на сите тие коишто ја почитуваат, свесни дека ова е едно од клучните механизми за борба против вирусот. Досега сите мерки дадоа резултат. Јас сум уверен дека оваа мерка, како и сите претходни за кои има оправданост, ако доследно ја почитуваме ќе се заштитиме и себеси и нашите семејства, ќе превенираме раст на број на заболени, кој веќе два месеци е еден процес, којшто одлично го држиме под контрола“, истакна министерот Филипче.

Дваесет евра е казната за неносење заштитна маска за физички лица, а 2.000 евра е казната за домашни и странски фирми кои не обезбедиле заштитни маски за вработените заради заштита од коронавирусот,  стои во уредбата која ја донесе Владата.

Личната заштитна опрема за покривање на носот и устата може да биде респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна или свилена марама или шал, бандана и слично.

Во членот 2 од Уредбата е наведено дека секое домашно или странско физичко лице на територија на Северна Македонија е должно да носи лична заштита на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).