Ќе се казнува ширењето на лажни вести за коронавирусот на социјалните мрежи
Министерството за внатрешни работи ги предупредува корисници на социјалните мрежи да не споделуват и шират непроверени, односно лажни вести околу коронавирусот, со кои се создава вознемиреност и паника меѓу граѓаните.

- Лажните вести кои создаваат неоснована паника имаат долгосежни последици и врз општествената состојба но и врз колективното здравје на граѓаните. Ваквите злоупотреби ќе бидат законски санкционирани затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника. Нема да има компромис во санкционирањето на оние кои свесно шират лажни вести, - соопштуваат од МВР.
Тие апелираат до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјално објавените податоци од надлежните институции. За сите потребни информации да се обратат до релевантни институции, кои постојано ја информираат јавноста со обновени податоци неколку пати во текот на денот.