Ќе се реконструира старата училишна зграда на „Браќа Миладиновци“
Општина Куманово, во првата половина од јуни ќе започне со реконструкција на кровот и замена на столаријата на училишната зграда во истурените паралеки на основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, каде настава посетуваат и ученици со посебни потреби.

Проектот е вреден 50 илјади швајцарски франци, а средствата се обезбедени преку Форумот на заедница на Општина Куманово, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, кој се спроведува од УНДП.
„Во моментов сме во фаза на завршување на тендерска постапка и очекуваме од 1 септември учениците да започнат со настава во реновирано училиште. Во 2019 година Општина Куманово го организираше форум, како метод за идентификација на потребите на заедниците. На четирите форумски сесии на кои присутвуваа вкупно 340 учесници, беа квалитетно изработени 9 проекти од граѓаните. Проектот за адаптација на покрив и столарија на „Браќа Миладиновци“, беше избран како приоритетен за релизација со максимално освоени поени“, вели Маја Петровска, советник за меѓународна соработка и координатор на проектот „Зајакнување на општински совети".
Проектот предвидува комплетна нова кровна реконструкција, поставување на олуци, громобран, нови прозори, врата и подови за училниците.
Воедно, со проектот „Зајакнување на општински совети" е опфтен и подпроектот „Лице во лице со избраниот советник” кој претставува софтверска платформа за потребите на Советот и граѓаните на Општина Куманово и е дел од официјалната веб страна на Општина Куманово.
Оваа веб платформа е создадена со цел граѓаните на Општина Куманово да бидат поблиску до надлежните, а средбите ќе се вршат во салата на Советот на Општина Куманово, за чијашто цел беа набавени 54 нови фотељи.