Да се откажат екскурзиите во Италија, одлучи Владата
Сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат предвидените патувања и екскурзии во Италија, наложи Владата врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со коронавирусот на Министерството за здравство и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

Истовремено да се организираат едукативни часови за превенција од корона вирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје.
Владата им препорачува на граѓаните да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот.
Владата му наложи на Министерството за здравство итно да набави соодветна количина на заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот.
Исто така, Министерството за здравство треба итно да набави соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети.
Меѓу заклучоците од 11-тата седница на Владата е и препораката до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.
Влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија е ограничен само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир.