Да се одложат активностите на отворено во најтоплиот дел од денот, препорачува МЗ
Значително зголемување на дневните температури се очекуваат од денеска до 13 август, кои во одделни региони може да достигнат до 39 Целзиусови степени, поради што Министерството за здравство апелира за почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури.

Граѓаните да престојуваат во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот, како и внесуваат доволно течности, да избегнуваат алкохол и засладени пијалоци.
На граѓаните им се препорачува да носат лесна, светла облека и да користат заштита за глава и очи, како и да избегнуваат физичка активност во најтоплите часови од денот.
„Посветете внимание на деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури, во случај на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс – веднаш побарајте медицинска помош, одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот и обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25 степени Целзиусови) на работното место и во домот“, препорачуваат од Министерството за здравство.
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 22, а максималната ќе достигне од 30 до 37 Целзиусови степени.
И во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 36 степени.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), за време на викендот и во текот на наредната седмица времето ќе биде претежно сончево и топло со пораст на дневната температура.