Дел од матичните гинеколози ги наплаќаат бесплатните прегледи на бремените Ромки, покажало истражувањето на НРЦ
Иако Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во Македонија, предвидува бесплатни прегледи за време на бременоста, дел од гинеколозите ги наплаќаат, покажува истражувањето на Националниот ромски центар во Куманово (НРЦ).

Во истражувањето насловено како „Моето здравје е мое право“, биле вклучени 58 жени на возраст од 16-37 години, кои се породиле во 2018 година или 57,4 отсто од вкупниот број на породени Ромки во 2018 во Куманово.
Добиените резултати покажувале дека само на 24 отсто од жените прегледот бил бесплатен, додека останатите 74 отсто платиле, а цена на услугите била различна.
„Во Програма за партиципација донесена од Министерство за здравство има посебни буџетски стапки коишто се за лабараториски прегледи, брисеви, итн., кои се прават за време на бременоста, а треба да бидат бесплатни. Проблемот е што тие се наплаќаат. Нашето истражување покажува дека одреден број не платиле, но поголем дел платиле. Гинеколозите им бараат да платат, односно го злупотребуваат нивното право. Кога ќе се погледне програмата ќе се забеллежи дека програмата за партиципација ги покрива сите тие прегледи, лабараториски, паб, брисеви итн, но поената е дека тие не кажуваат кои се` прегледи се покриени. Оваа програма важи за сите жени, без разлика на етничката припадност“, вели Себихана Скендеровска, координатор на проектот.
Таа додава и дека тие како Центар кој им нуди помош на жените од ромската заедница се спремни да им помогнат по однос на тоа прашање, односно посочува дека може да се направи петиција, во која ќе се наведат сите права кои гинеколозите ги прекршиле, и да се реагира во надлежните органи.