Ден без автомобили во Куманово
Во Куманово, утринава се организираше „Ден без автомобили“, по повод Европската недела на мобилност, која заврши вчера.

Велосипедистите тргнаа од пред ООУ „Крсте Мисирков“, возеа по улиците Народна Револуција, Ленинова, Доне Божинов, Гоце Делчев, Трета МУБ, Народна револуција, и се вратија на почетната точка пред училиштето.
Почетокот на дефилето го означи градоначалникот Максим Димитриевски.
„Настанот започна пред ООУ „Крсте Мисирков“, кои се домаќини на манифестацијата. Во знак на поддршка на поголема мобилност на учесниците во сообраќајот со користење на велосипед наместо автомобил, ученици, наставници и граѓани возеа велосипед. Настанот е во соработка со локалната самоуправа и Секторот за внатрешни работи Куманово“, - соопштуваат од Општината.
Наместо за викенд и во време кое ќе одговара на повеќето граѓани, за да се добие на масовност и да се постигне целта, настанот се организираше во работен ден, во 8 часот наутро , што се смета за пропуст на организаторите.
Европската недела на мобилност трае до 22 септември и се одбележува во 2.952 градови во 48 држави. Минатата недела се одвиваше во повеќе градови во државата, со учество на граѓани од сите генерации.
Целта на оваа кампања е да го подобри јавното здравје и квалитетот на животот преку промовирање чиста мобилност и одржлив урбан транспорт.