Денеска е Божиќ - денот на Христовото раѓање
Православните христијани денеска го слават првиот ден од големиот празник Божиќ – денот на Христовото раѓање.
Божиќ е вториот најголем празник во христијанството, по Велигден. Со поздравот „Христос се роди – навистина се роди“, православните верници меѓусебно си го честитаат денот на Христовото раѓање. Во црквите палат свеќи, се молат за здравје и бериќет и ја споделуваат веста за тоа кому му се паднала паричката.
Придржувајќи се до традицијата и обичаите, по четириесетдневниот пост, верниците празнуваат покрај богата мрсна трпеза.
„Кај и да си за Бадник и Божиќ дома да си!“, е познатата изрека посветена на празникот како симбол на славата на раѓањето на животот, семејната заедница, љубовта, приврзаноста и светлината во душата на луѓето.
Празнувањето на Раѓањето Христово се појавува уште во почетоците на христијанството, најверојатно во апостолскиот период. Апостолските правила определуваат ден за празнување на Раѓањето Христово, нагласувајќи ја смислата на овој празник за Црквата:
„Внимавајте, браќа, првиот празник меѓу празниците е Рождеството Христово.“