Депонијата во Бавчи ќе стане парк за деца
Парк и детско игралиште се гради на местото на депонија, во населбата Бавчи, спроти поранешен Туш маркет. Уредувањето е во завршна фаза и ќе биде готово за неколку дена.

Во рамките на овој проект е предвидено да се изгради детски парк -игралиште со површина од 100 м2, на кое ќе има урбана опрема и тоа: клацкалки, лулашки и лизгалки со куќички. За изградба на паркот се одвоени 307.660,00 денари.
Вкупниот буџет за реализација на проектот е 1.076.190 ден, средства обезбедени преку ЕУ и Општина Куманово, а дополнително е обезбедена и донација од 100.000 денaри од Македонски Железници која беше искористена дел за чистење на депонијата, а дел за уредувањето на детскиот парк.
„Во преговори сме со ЈП „Чистота и зеленило“ да биде уредено паркчето со зеленило и цветни насади, да се постават канти за отпадоци. Очекуваме донации за клупи кои ќе бидат поставени во паркчето. Во целина луѓето конструкцијата на паркот ја оценуваат како позитивна, затоа што од место на депонија ќе се трансформира во место за рекреација на помладите кое ќе биде и пријатно за око на минувачите. Помладите се радуваат, затоа што ќе имаат детско катче во близина на нивните домови каде ќе се дружат секојдневно, бидејќи досега немаа вакво збирно место. Секако, треба да се работи многу повеќе–да се сменат навиките на населението во овие населени места, иако со овој проект успеавме да развиеме критичко мислење за тоа“, вели Лилјана Симонова, кооординатор на проектот.
Таа додава и дека најчестиот проблем којшто населението го има овде и поради кој се создаваат депонии, е тоа што немаат канти за одпадоци, па го собираат ѓубрето во колички, најлони и имаат потешкотии истото да го однесат до камионот. Додека пак како друг проблем, жителите во населбите Бараки, Бавчи и Средорек го навеле донесувањето на ѓубрето со култиватори, од страна и на други луѓе.
Во рамките на целокупниот проект се обезбедени 60 канти за домаќински отпад од 120 литри за активни учесници во проектот, учесници на обуки, анкети и еколошки акции. Од фирмата „Пакомак“ се обезбедени доплнителни 100 канти за домаќински отпад од 140 литри. Вкупно 160 канти за отпад ќе бидат доделени на населението од трите ромски населби Средорек, Бавчи и Бараки.
Со ЈП „Чистота и Зеленило“ се преговара да се постават уште контејнери во трите ромски населби и редовно да се празнат истите. На овој начин се очекува да се воспостави систем на регулирање на изнесување на отпадот од овие домаќинства. Исто така во текот на летото е планирано во соработка со ЈП „Чистота и Зеленило“ местото почесто да се чисти.
Изградбата на детскиот парк е последната активност на проектот „Чиста околина - здрава животна средина“ на Центарот за ромска заедница ДРОМ - Куманово, кој се спроведува во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан – ReLOaD, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), со учество на Општина Куманово, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
(Ф.Марковска)