Димитриевски ме тужи затоа што јавно го обелоденив неговиот криминал, вели Мургашанска
Советничката од СДСМ Атина Мургашанска, добила тужба за навреда и клевета од градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, за нејзините говори во Советот на Општина Куманово.

Таа денеска на прес конференција кажа, откако му ги откриле сите скандали на Максим Димитриевски, откако јавно проговориле за сите сомнежи за коруптивни шеми со парцели и станови, за криминал и лично богатење, градоначалникот на Куманово, сакал да ги замолчи.
„Наместо да даде одговори и отчет пред граѓаните, наместо да одговара Максим Димитриевски поднел тужба, дека бил навреден и наклеветен. Димитриевски се плаши од вистината и затоа сака да ја заташка, да ги прикрие злоупотребите и да го замолчи секој што му се спротивставува и јавно му ги обелоденува. А што најмногу го здоболело Димитриевски, кој дел од вистината? Цитирам: „Како се купува стан од 90 метри квадарни за 2.000 евра, како се прави размена со кумот“, „Срамота е човек кој е фатен со полна кола пари со поткуп“, „Не може да ја напаѓа претходната Влада, таа влада му ја раздолжи општинината, токму таа влада на која и се заблагодаруваше“. Ова се дел од цитатите, има секако и други, кои Димитриевски ги навел во тужбата. Јас како одговорна советничка сум гласот на граѓаните, јавно зборувам за скандалите и сомнежите за криминал на Максим Димитриевски и така и ќе продолжам. Јасно му порачувам дека нема ниту да ме уплаши ниту да ме замолчи", кажа Мургашанска.
Таа додаде дека ќе продолжат да ја разобличуваат секоја негова злоупотреба и ќе бараат институционална реакција од надлежните.
„Мора да се истражи најголемиот коруптивен скандал во општина Куманово со земјиште, во организација на Максим Димитриевски и неговиот кум Драган Митевски. Како Димитриевски и неговиот кум заработиле 350.000 евра? Институциите мора да дадат одговор. Како тоа Димитриевски добил стан од 97 метри квадратни во центарот на Куманово за само 2.500 евра?“, изјави Мургашанска.