„Дивите“ пазари замена за реонските пазарчиња низ градот
Потребата од мини пазарчиња во градот и приградските населби се актуелизира секои избори, а проблемот со нелегалните продавачи на јавна површина секоја есен. За ваквата состојба со која сериозно се засегнати граѓаните и продавачите, решение треба да се најде што поскоро.

На последната седница советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Петковски, побара од надлежните да се отстранат тезгите за продажба на овошје и зеленчук од јавните површини, кои се нелојална конкуренција на легалните закупци на тезги на Зелениот пазар. Тој смета дека доколку овие продавачи се стават во законска рамка најголема корист ќе има претпријатието коешто е задолжано за оваа дејност, а се наоѓа во тешка матерјална состојба. Поради тоа смета дека иницијатор за санкционирање на оваа масовна појава во градот, особено во есенскиот период треба да биде директорот на ЈП „Пазариште“.
„На минатата седница истакнавте дека се намалил бројот на закупци на реонскиот празар на улицата „Иво Лола Рибар“, а сведоци сме дека секојдневно никнуваат и добро функционираат „диви“ пазари. Спроти крстот во населбата Карпош, по мостот во населба Средорек, од улицата „11 Ноември“ па се до фабриката Амбалажа и на многу други места каде се врши продажба од камиони. Ве прашувам дали планирате да преземете нешто против овие нелегални „диви“ пазари“, - праша советникот Петковски.
Директорот на ЈП „Пазаришта“ Илир Саити, се бранеше дека тоа не е во негова надлежност, туку на секторот за инспекциски надзор, но тврдеше дека тие постојано реагираат, поради што дел од нелегалните продавачи се отстранети од повеќе локации во градот.
„Ние секојдневно сме во координација со секторот за инспекциски надзор, СВР Куманово и сите други инспекциски служби кои дејствуваат во Општина Куманово и мислам дека ја постигнавме целта да ги исчистиме дивите продавачи на паркингот во близина на Зелениот пазар и кај училиштата. Очекувам дека во наредниот период ќе се отстранат и останатите диви продавачи од улиците“, - изјави Саити.
Петковски му забележа дека поголем дел од наведените нелегални пазари функционираат со години и се невидливи за надлежните.
Наспроти овие препукувања, граѓаните велат дека постоењето на импровизираните тезги за сезонски производи во приградските населби се замена за мини пазарите, кои секои избори ги ветуваат политичарите, а потоа забораваат на нивните потреби.
„Локалната власт и советниците прво да донесат одлука да се отворат мали пазарчиња во секоја населба, па потоа да бараат ги бркаат продавачите со камиони. Каде да одиме ние да пазариме кога има само еден пазар во градот. Кај Зелениот пазар нема паркинг, ни игла нема кај да падне во пазарен ден, а кога ќе платиме такси ни испаѓа поскапо. Вака ни е полесно, тука ни е пред врата, не ни треба превоз, а и производите се поевтини “, - велат жители на населбата Карпош.
Покрај Зелениот пазар, во градот функционира само едно реонско пазарче на булеварот „Октомвриска револуција“.
Куманово е еден од ретките градови којшто нема ни авто пазар иако надлежните со години најавува дека само што не го отвориле.