Дивоградбите двојно ги намалија зелените површини во Куманово
Дивоградите во Куманово, во изминатите дваесетина години придонесоа за намалување на зелените површини во градот.

Во Генералниот урбанистички план од 2004 година на територијата на Општина Куманово било предвидено да има 36 отсто зелени површини, меѓутоа поради нелегално изградените објекти во моментот има само 15 отсто.
Тогаш било предвидено земелни површини да има на локациите над Спомен Костурницата, УЕ1 Проевце - локацијата наспроти Спортска сала, заштитен појас на градските гробишта, заштитен појас на автопатот, Средорек требо да биде огромно зеленило и просторот покрај реките. Но, на дел од нив се изградени дивоградби коишто се легализирани, а дел од нив треба да се вклопат во идната докуметација и дел да останат во површина за зеленилото.
„Согласно ГУП за Куманово кој е донесен во 2004, биле планирани околу 36 отсто од вкупната површина на градот да е зеленило. Постојат повеќе видови на зеленило, како парковко зеленило, заштитно зеленило, површини за спорт и рекреација, базени, бањски комплеси и слично, но поради голем број на бесправно изградени објекти и поднесени голем број на барања за легалиизација, Советот на Општина Куманово донел одлуки за вклопување на легализираните градби во идната планска документација, на сметка на површините планирани со зеленило. Исто така донесени се и неколку измени на ГУП-от со кои се пренаменети дел од површините за зеленило во други намени. Во моментот од планираните 36 отсто во ГУП-от од 2004 година, со сите измени имаме приближно околу 15 отсто планирани зелени површини, од вкупно 1.886 хектари, колку изнесува површината на градот дефиниран со ГУП“, вели Александар Гелевски, секретар во Општина Куманово.
Тој додава дека за да се реши овој проблем, односно да се зголеми опфатот на зелените површини, кои се неопходни за здравјето и квалитетот на животот на граѓаните како и за адаптацијата на климатските промени, во моментот работат на изготвување на новиот генерален урбанистички план. Во него се планира зелените површини од 15 отсто да се зголемиат на најмалку 20 проценти, согласно новиот Закон за урбано зеленило, кој предвидува минимум 20 отсто зелена површина на ниво на градот.
„Општина Куманово е во постапка на изработка на нов Генерален урбанистички план, и во моментот се изработува планската програма, со која се анализира површина од околу 3.500 хектари. Тоа е просторот во кој со израотка на планската програма ќе се дефинира колку ќе биде површината на новиот ГУП, односно површината на градот Куманово. Со изработка на ГУП имаме законска обврска да се планираат најмалку 20 отсто површини со намена зеленило, но секако доколку сме во можност ќе се обидеме оваа површина да биде поголема од законски предвидениот минимум“, посочи Гелевски.
Со уредбите предвидени со Законот за урбано зеленило, не само што е утврден минимумот за зелени површини на ниво на градот и по жители, туку за да се добие одобрение за изградба на било каков објект, во градежната парцела мора да има 20 отсто зеленило, без разлика дали станува збор за куќа или станбена зграда.
Во моментот во градот има околу 13 хектари парковско зеленило, во кое се сметаат само површините на постоечките паркови и тоа: кај „Соколана“, Градската автобуска станица и паркот кај „Спомен Костурница“, додека дополнителна површина од околу 17 хектари со уредено и подигнато урбано зеленило се наоѓа долж шеталиштето на кејот на река Кумановка. Ако ги сметаме зелените површини планирани за спорт и рекреација, спортски терени, игралишта, тогаш тоа се околу 30 хектари зеленило. Во овие површини не се сметани зелените површини од дрворедите покрај поголемите сообраќајници, како и разделните зеленила на булеварите, малите зелени урбани џепови во блоковите помеѓу зградите, зеленилото на плоштадот и слично.
(Ф.Марковска)