Државата ќе ја тужи германската фирма поради прекинување на изградбата на пругата Куманово-Бељаковце
Државата ќе поведе спор против германската фирма „Вибе“, којашто ги изведуваше градежните активности на железничката пруга Куманово-Бељаковце - дел од Коридорот 8, а која минатата недела jа повлече механизацијата од градилиштето.

Како што рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, причините коишто се наведуваат од страна на фирмата за нив се крајно неприфатливи и затоа на вчерашната седница на Владата, согласно заклучоците на ЈП Mакедонски железници - инфраструктура, зазеле став за покренување на спор против оваа фирма.
„Причините коишто се наведуваат за нас се крајно неприфатливи и затоа на вчерашната седница на Влада зазедовме став околу тоа. Серизен став согласно заклучоците на ЈП МЖ инфраструктура, да ги преземе сите мерки во делот на ангажирање на адвокати, коишто ќе ги ангажира, меѓутоа и сите други потреби околу банкарски гаранции. Сите аргументи се на наша страна, меморандумот којшто е потпишан во април месец требаше согласно роковите, да ја завршат пругата на крајот на февруари наредната година. Така што нашите очекувања се дали ќе има арбитража, тој спор ние како држава очекувам да го добиеме. Обезбедивме простор тие 55 проценти да продолжат со изградба за пругата што побрзо да биде завршинена“, рече министерот Сугаревски, којшто денеска заедно со премиерот Спасовски, беше на увид во градежните работи на делницата Куманово-Страцин.
Тој додаде дека и покрај кризата ќе продолжат да работат со истата динамика, и дека во моментот се евалуираат понудите и за втората делница од Бељаковце до Крива Паланка.
Изградбата на пругата Куманово-Бељаковце започна во март 2014 година, чијшто рок за реализација повеќе пати беше одложуван, а пред недела дена изградбата повторно беше запрема.
Како што рекоа тогаш работниците на пругата, фирмата „Вибе“ ги тргнала своите машини, без да им даде дополнително објаснување за причината, а и без да им ги подмири платите.