Две претстави на Театар Куманово ќе гостуваат на одбележувањето на 100 години Театар Штип
Кумановскиот театар ќе гостува со две претстави во штипскиот Центарот за култура „Ацо Шопов“, во рамките на одбележување на 100 години Театар Штип .Пред штипјани ќе бида изведени „Драма изгубена во времето“ во четврток на 9 февруари и „Секс и лаги“ во сабота на 11-ти февруари.

НЦУК „Ацо Шопов-Театар Штип“ годинава одбележува два јубилеи -100 години од формирањето на првата аматерска театарска група и започнувањето на театарот со работа и еден век од раѓањето на нивниот патрон Ацо Шопов. Во рамките на прославувата под мотото „100 години на заеднички пат“, планирани се многу театарски и поетски настани,а и голем број на гостувања, меѓу кои и на кумановските претстави.
„Драма изгубена во времето“ е продукција на Театар Куманово,премиерно изведена во 2021година ,а во неа настапуваат актерите Горан Илиќ и Кети Дончевска Илиќ.Работена е по текст на Сашко Насев, според мотиви на „Темносино,речиси црно“на Танасис Валтинос. Режијата е на Владлен Александров.
Комедијата „Секс и лаги“ премиерата ја имаше на затворањето на Деновите на комедијата во Куманово во 2022 година, го предизвика вниманието на публиката и забележа повеќе гостувања во театрите во државата. Во неа настапуваат Марко Трајковиќ, Сања Русевска, Жарко Јовановиќ, Нина Максимова, Александра Михајловска, а гостуваат актерите Анастасија Величковиќ и Никица Јанковски.Претставата е според текст на Марк Камолети, во режија на Драгана Таневска