Едно паркинг-место бесплатно, второто 400 денари за жителите на „Октомвриска“ во Б-зоната
Жителите на булеварот Октомвриска револуција ќе добијат бесплатно паркинг-место за еден автомобил, додека за второто и секое наредно возило ќе плаќаат повластена цена од 400 денари, откако ќе биде воведена Б-зоната од локалитетот „Водовод“ до „Нико“.
За останатите граѓани паркирањето ќе чини 25 денари за час, односно 800 денари месечно. Ова беше кажано од надлежните на состанокот со жителите што синоќа го организираше месната заедница, откако започна првата фаза од обележувањето на паркиралиштата во новата зона.
„Сите жители кои имаат лична карта на оваа адреса ќе имаат право едно возило да паркираат бесплатно, а за второто, третото или за колку возила и да имаат, ќе плаќаат по 400 денари. По исцртувањето и обележувањето на новата локација, предлогот треба да помине на Советот на Општина Куманово, а потоа ќе започне неговата примена. Од реакциите на жителите се гледа дека се задоволни, бидејќи сакаат да се реши хаосот со паркирањето во овој дел од градот, но подготвени сме дополнително да се договориме за некои работи ако има подобро решение“, изјави директорот на ЈП „Куманово-паркинг“, Андреја Маџовски.

Тој најави дека во меѓувреме ќе се уредат и местата кои сега се користат како паркиралишта, а не ги исполнуваат условите за тоа.
„На делот каде што земјиштето е во сопственост на Република Македонија, а не е уредено, со помош на Општината ќе се постави тврда подлога, по што и тој дел ќе биде исцртан и регулиран. Имаме една локација која треба да се израмни, бекатонира или асфалтира, со што ќе добиеме уште околу 50 паркинг-места“, додаде Маџовски.

Тој очекува на целиот простор да се обезбедат околу 500 паркинг-места. Граѓаните стравуваат дека проблем може да биде поголемиот број возила на станарите, за кои велат дека ги има околу 700. Маџовски, пак, тврди дека нивниот број се движи од 400 до 500 возила и дека ќе има доволно слободни места за сите.
Синоќа од 22 часот беше најавено дека ќе започне исцртувањето на паркинг- местата, за што беше побарано од станарите да ги отстранат возилата од површините каде што ќе се работи. Сопствениците кои се на одмор и нема кој да ги тргне возилата ќе биде повикана пајак службата, а услугата нема да се наплаќа, беше кажано на состанокот.
Од месната заедница „Панче Пешев“ велат дека воведувањето на Б-зоната ќе започне откако ќе се завршат сите работи што ги најавија претседателката на Советот, како и дел од советниците на мнозинството, кои присуствуваа на состанокот.
„Ние денеска имавме средба во Општината. Постигнат е начелен договор, а за сите отворени прашања дополнително ќе се договараме за да се изнајде најдоброто решение. Добивме поддршка од советниците и се надевам дека конечно ќе се реши овој проблем“, изјави Бобан Кипријановски од месната заедница.

На средбата имаше и граѓани кои не се согласуваат на оваа локација да се воведува Б-зоната и да се наплаќа паркинг, додека други сметаат дека само исцртувањето на паркинг места нема да го реши проблемот, додека не се изгради катна гаража.
Во блокот згради на „Октомвриска револуција“ има 38 влезови. Најголем проблем со паркирањето го создаваат возачите од приградските населби, кои ги оставаат автомобилите на булеварот додека се на работа.
Од ЈП „Куманово-паркинг“ велат дека во меѓувреме ќе се работи и на воведување на Б-зоната на улицата „Бајрам Шабани“ и на други локации во градот. Со тоа, директорот очекува бројот на уредени паркинг-места да се зголеми двојно, на повеќе од 1.000.

И пред неколку години имаше обид да се воведе Б-зона за паркирање во „Панче Пешев“, но жителите се спротивставија. Тие тогаш сметаа дека е селективна наплатата на паркин, бидејќи во одредени делови од градот се уште не функционира ниту А-зоната, па наместо да се градат катни гаражи, се узурпираат улиците, кои и онака се тесни, со што дополнително се создаваат тесни грла во сообраќајот.