×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Јелена Мандиќ прогласена за најдобар наставник во поранешна Југославија

    14.04.2024 08:36 | Сузана Николиќ

    Јелена Мандиќ одделенки наставник во ООУ „Вук Караџиќ” од Куманово, прогласена е за најдобар наставник на поранешна Југославија на Шестата регионална конференција „Светот на образованието ги брише границите“, во организација на Асоцијација на најдобри наставници Екс-Ју, која од 4 од 7 април се одржа во Бања Лука, Босна и Херцеговина. 

    Јелена Мандиќ прогласена за најдобар наставник во поранешна Југославија

    Таа е една од  вкупно 28 наставници која се стекна со тутилата „Најдобар наставник на поранешна Југославија“, избрани според строги критериуми, од кои дури 12 се од нашата држава, но единствена е од Куманово. За наградата биле пријавени неколку стотици наставници од регионот.

    „Да се биде дел од најдобрите наставници од регионот на поранешните југословенски држави, претставува за мене голема чест и привилегија, а секако и уважување и потврда за мојот долгогодишен работен ангажман и посветување во професијата како наставник и реализатор на низа воспитно-образовни активности. Посебно ми е драго, бидејќи ја добив од личности кои се професионалци во својата работа, личности кои ја почитуваат улогата на наставникот во животот на секое дете, личности кои го препознаат, почитуваат и вреднуваат трудот на наставникот. Имам добиено многу награди, секоја од нив ми е драга, но најдраго за мене е она што го добивам секојдневно од моите ученици – стекнатите знаења, насмевки, очи полни со љубов, најискрените прегратки, почитта и среќата што се чувствува во училницата”, изјави Мандиќ, која 17 години работи како одделенски наставник.

    Исто така Јелена доби и признание Амбасадор за 5+ како наставник, кој редовно учествува и ги промовира сите 6 конференции на ANN-Ex-Yu.

    На оваа конференција признание Амбасадор за 5+ добија и наставничките Станче Штерјовска и Хилда Димитриевска од ООУ„Крсте Мисирков” од Куманово, кои исто така редовно учествуваат и ја промовираат оваа конференција.

    На конференцијата присуствувале повеќе од 200 наставници од Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Хрватска, Црна Гора и Словенија. 

    Целта на конференцијата е да се поттикне регионално вмрежување на најдобрите едукатори, наставници, професори, директори, стручни соработници, да се афирмира нивната работа, со цел да се пронајдат најдобрите и најуспешните едукатори кои ќе бидат лидери. Мотив и инспирација за сите со заеднички сили да ја менуваат сликата на образованието во овој дел на светот и да придонесуваат за мирот и стабилноста во овие области со своето дејствување, создавајќи среќни ученици кои учат и се почитуваат.

    Јелена Мандиќ настапила и на Саемот на образованието, организиран во рамките на конференцијата, како презентер на образовни практики, каде ја добила наградата за најдобар штанд на саем за образование во категорија најоригинален ресурс во служба на инклузивно образование. На саемот учествуваа 36 училишта презентирани од наставници.

    „Посебно ми е драга оваа награда бидејќи денес се става посебен акцент на инклузивното образование, бидејќи се повеќе има ученици на кои им е потребна помош и работа со посебно изработени или обезбедени наставни помагала. Јас на штандот се претставив со такви само- изработени нагледни средства, кои ги користам со учениците во мојата училница”, вели Јелена.

    Конференцијата била организирана со повеќе активности во текот на тие 4 дена: панел дискусија на лидерите во образованието, саем на образование, посета на државни и приватни образовни институции во Бања Лука, работилници во амбиентални училници, монодрама и Балканска зборница.

    Како круна на манифестацијата биле доделени престижните награди за најдобар наставник, најдобар директор во поранешна Југославија, како и Амбасадор за 5+.

    Основачи на Асоцијацијата на најдобри наставници од поранешни југословенски простори се Жељана Радојичиќ-Лукиќ и Весела Богдановиќ, добитнички на многу престижни награди, меѓу кои и престижната награда Global Teacher Prize.