Финалето на Суперкупот на Македонија ќе се игра во Куманово
Во спортската сала во Куманово, во сабота ќе се одржи финалниот натпревар од Суперкупот на Македонија „Драган Василев – Цевка 2026“, помеѓу екипите на МКК Куманово и КК МЗТ Скопје .
„Овој значаен спортски настан годинава ќе биде во знак на јубилејот 80 години кошарка во Куманово. Осум децении кошарка, традиција, љубов и страст кон спортот, што низ генерации го обединуваат градов и ја создаваат богатата кошаркарска приказна на Куманово.
Ова претставува можност кумановската спортска публика да проследи врвен кошаркарски натпревар, исполнет со спортски дух, фер - плеј и вистинска кошаркарска атмосфера. поттик за генерациите, кои ќе ја продолжат кошаркарската традиција“, соопшти Општина Куманово.
Од ММК Куманово велат дека секоја година пред отворањето на сезоната се игра Суперкупот, помеѓу шампионот на највисокото сениорско првенство и освојувачот на Купот на Македонија.
„Бидејќи МЗТ Скопје Аеродром во сезоната 2025/2026 ги освои и шампионската титула и Купот на Македонија, противник на актуелниот шампион во Суперкупот ќе биде МКК Куманово, финалистот во Купот на Македонија, а натпреварот ќе го игра на домашен терен“, велат од клубот.
Картите се 150 денари, во продажба се во тобако „Агора“ и онлајн на mktickets.mk.
Натпреварот почнува во 18 часот.