Германски овчар прогласен за најубаво расно куче на Меѓународната изложба во Куманово
Германски овчар е прогласен за најубаво куче на третата Меѓународна изложба на расни кучиња, која вчера се одржа во Куманово.

Пакрос, младо куче на возраст од две и пол години, досега има освоено 13 награди на натпревари во земјата и регионот. Негови сопственици се Зоран Најдовски од Скопје и Мирослав Трајковски од Гевгелија.
„Многу сум горд на победата, се натпреварувавме во силна конкуренција. Се работи за младо куче кое допрва ќе се истакнува. Не случајно постои изреката: ‘Сон на секое куче е да биде германски овчар’“, изјави Најдовски, кој не го криеше задоволството што неговиот миленик пленеше со својата убавина и привлече посебно внимание кај публиката.
На годинешната изложба учествуваа 174 расни кучиња од 15 земји, меѓу кои Македонија, Србија, Бугарија, Полска, Шведска, Словачка, Украина, Италија и Велика Британија. Натпреварот се одвиваше во неколку круга – прво избор за најубаво куче во секоја раса, потоа избор на најдобрите по групи, класи и возрасни категории, за на крај да се прогласи најубавото куче меѓу најдобрите. На сите победници им беа доделени медали и пехари.
Кинолошкото друштво „Кинолог“ го доби правото да организира Меѓународна изложба по убавина, откако успешно реализираше осум национални изложби. Претседателот Марко Митровски вели дека ова е трета по ред меѓународна изложба и изрази задоволство од организацијата и бројот на учесници. Новина оваа година беше присуството на реномиран судија од САД.
„Учесниците ги оценуваа меѓународни судии – еден од САД, двајца од Азербејџан, како и судии од Србија и Македонија. Тие судат по утврдени стандарди за секоја раса и имаа навистина тешка задача, бидејќи конкуренцијата беше голема. Покрај македонските излагачи, за првпат имавме и пријавени миленичиња, но и голем дел на многу квалитетни кучиња што се натпреваруваат на престижни светски изложби, и се вистински претставници на своите раси“, изјави Митровски.
Тој додаде дека подготовките за изложбата траеле околу седум месеци. Сите учесници плаќаат котизација за учество, а поддршка на манифестацијата дале и Општина Куманово. Отворањето беше збогатено со културно-уметничка програма и обраќање на градоначалникот.
Граѓаните масовно ја проследија манифестацијата и најмногу уживаа во дефилето на ретки раси.
Во рамки на настанот се одржа и четвртата специјализирана изложба за расата кавкаски овчар, на која учествуваа 15 излагачи од Бугарија, Грција, Србија и Босна и Херцеговина. Победи кучето на Душан Ангеловски од Крива Паланка, а судеше Мирослав Бабиќ од Србија. Изложбата ја организираше Кинолошкиот клуб „Кавкаски овчар“, кој постои веќе четири години.
Организаторите нагласуваат дека ваквите манифестации не се само промоција на кинологијата, туку и на самиот град.