Гинеколошко-акушерското одделение со посебен режим на работа, пациентките ќе се праќаат на скопските клиники
Поради зголемениот број здравствени работници позитивни на коронавирус, гинеколошко-акушерското одделение во Кумановската болница ќе работи под посебен режим, а пациенките и трудниците од Куманово ќе се лекуваат и пораѓаат на скопските клиники.

За оваа одлука Општата болница Куманово вечерва ја извести јавноста.
- Поради вондредната состојба со КОВИД-19 и појавата на позитивни тестови кај неколку вработени од гинеколошко акушерски оддел, а со цел најпрофесионален однос кон потенцијалните пациентки, ве известуваме дека гинеколошко - акушерски оддел од 10.04.2020/ петок/ ќе биде под посебен режим на работа. Сите пациентки, чија што здравствена состојба дозволува понатамошен третман на УГАК Скопје или Специјална болница „Мајка Тереза“ Чаир, со претходна најава од свој матичен гинеколог ќе бидат упатени во една од овие институции. Сите итни и неодложни животно загрозувачки случаи од гинеколошко акушерска природа ќе бидат најпрофесионално третирани на гинеколошко акушерско одделение. За секоја понатамошна промена во режимот на работата на гинеколошко-акушерски оддел ќе бидете навремено известени, - информираат од Болницата.
Предходно болницата објави соопштение и до матичните лекари гинеколози- акушери, во кое ги известува сите пациентки кои се транспортибилни да се препратат со сопствено возило директно до болницата Чаир или УГАК, со претходна најава во истите.
- За оваа состојба е запознаено Министерството за здравство на Република Северна Македонија и оваа состојба ќе важи за наредните 7 до 10 дена, поточно временски период за кој очекуваме нормализирање на состојбата, - стоеше во соопштението.
Попладнево министерот за здравство Венко Филипче, најави дека Кумановската болница ќе продолжи со редовна работа затоа што е функционална, откако денеска ја посетиле претставници од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.
Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, побара од Министерството за здравство привремено да го затвори гинеколошко-акушерското одделение, бидејќи со коронавирус се заразeни медицински сестри и акушерки и доведено е во прашање функционалноста на институцијата.