Голем пожар од Стари лозја до Туш, гореше сува трева, пожарот намерно подметнат
Повеќе од три часа кумановските пожарникари го гаснеа пожарот кој денеска напладен избувана во населбата Стари лозја, а потоа се прошири кон Средорек и „Перо Чичо“.

Во гаснењето учeствувале 7 пожарникари со две возила, а помогнале и граѓаните бидејќи огнот се проширил на голема површина и се доближил до куќите.
„Кај нас во 12.20 часот беше пријавено дека има пожар во м.в. Стари Лозја кај пругата, спроти КАМ-маркетот. Веднаш излеговме на терен, но огнот брзо се ширеше кон репетиторите, над Средорек и ул. 6 Април, поради сувата трева и ветрот. Во 15.40 часот пожарот целосно го ликвидиравме. Во последните месец и половина ние секојдневно и по неколку пати интервенираме на оваа локација, огнот се пали намерно и мора да се спречи ваквата појава“, вели Даниел Илиевски, командир на одделение во Противпожарната единица Куманово.
Тој апелира до ѓраѓаните да бидат внимателни и да не палат на отворено, бидејќи ја загрозуваат безбедноста на граѓаните и на јавниот простор. Дополнително во чад се души целиот град.
Екипите на Противпожарната единица во моментот се на интервенција на голем пожар во селото Ваксинце.