Градоначалникот бара 14- дневен карантин и прогласување на кризна состојба во Куманово
Поради зголемениот број на заболени и почината од коронавирус во Куманово, градоначалникот на Куманово денеска на прес-конференција повторно го актуелизираше барањето до Владата и Централниот кризен штаб, за 14 дневен контролиран карантин и воведување на кризна состојба на територијата на општина Куманово.

Тоа практично би значело затворање на влезот и излезот на градот и дезинфекција за сите возила и лица коишто влегуваат и излегуваат од градот.
- Кризната состојба ја бараме за да се засили присуството на државните институции и органи, директно да се вклучат на територија на Општина Куманово во борба против вирусот по примерот на Дебар. Сметаме дека ова е добар пример којшто може да се примени и во Куманово со цел ова болест да биде искоренета на територија на нашата општина, а воедно да не претставуваме закана и за останати општини во регионот со ширење на вирусот , вели Димитриевски, кој е командант на Општинскиот кризен штаб.
Тој додава дека олеснување ќе има само на лица кои извршуваат професионални задачи и со посебна дозвола ќе излегуваат ќе се враќаат во градот.
- Со посебни дозволи непречено ќе се одвива и одењето на работа на сите коишто се ангажирани во стопанството. Истовремено ќе се вклучат поголем број на компании коишто ќе бидат сервис на граѓаните додека трае карантинот. Апелираме до Владата овој предлог да биде разгледан што поскоро и да излезе со конкретен предлог и препораки за граѓаните, но и акти коишто ќе се извршуваат, - рече Димитриевски.
Во Куманово денеска се потврдени 25 новозаболени и двајца починати од коронавирус. Со тоа вкупната бројка во Куманово изнесува 236 заразени и 12 починати.