Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со насмевки, боја и креативност, Куманово повторно се претвори во уметничко платно благодарение на седмото издание на Графити фестивалот, кој оваа година донесе нова енергија, нови мурали и нови уметници од земјава и странство.
Во текот на четири дена, на локацијата околу Гимназијата „Гоце Делчев“, уметници од Македонија, Италија, Грција, Германија, Полска, Шпанија и од земјите од регионот, создадоа импресивни дела, кои ќе ги красат околните објекти.
„Сè е супер, многу забавно и одлично организирано. Луѓето се многу фини и љубезни, сите го пофалија делото. Овие 3-4 големи уметнички слики донесуваат боја во нивниот живот“, вели Пабло од Германија, кој уметнички се претставува како Хомбре. Тој додава дека ова му е прво гостување во Куманово, и дека е пријатно изненаден од топлиот прием: „Навистина ми се допаѓаат луѓето, сите се супер пријателски расположени“. Тој изработил мурал- портрет посветен на сите мајки и баби, затоа што во Германија утре е националниот ден посветен на мајките.
Откако започнале со работа уметниците се пријатно изненадени се од топлиот прием на луѓето од соседството, особено од пензионерите кои со одобрување следеле што се работи, и потенцирале дека им е разубавена населбата. Велат дека се радосни што се работи токму на ѕидовите на Гимназијата, најстарото и најреномираното средно училиште во градот, кое по реновирањето заслужило да биде и „дотерано“.
Слично воодушевување изразија и уметниците Арсек и Ирејс од Софија, Бугарија, кои првпат се дел од фестивалот:„За момент бевме маѓепсани од начинот на кој луѓето реагираат, се чувствуваме добредојдени. Делата од претходните години се одлични, а оваа година има многу добри уметници. Мислам дека сме сведоци на најголемиот фестивал досега.“
Тандемот Арсек и Ирејс имаат работено мурали во САД, Кина, Тајван, Јужна Америка и низ цела Европа, и велат дека со задоволство би се вратиле повторно во Куманово.
Фестивалот годинава првпат стави акцент токму на муралната уметност, па организаторите објаснуваат дека делата што се создаваат бараат повеќе време, па затоа програмата трае четири дена. „Изработивме четири големи мурали, секој висок од 12 до 14 метри. Сакавме кумановци да се запознаат со уметници кои на светско ниво работат мурали, и мислиме дека публиката го препознава квалитетот“, објасни Горан Стојанов, од Здружението Форма.
На фестивалот учествуваа вкупно 14 уметници, а програмата вклучуваше и работилница со професорот Југослав Спасиќ- спорстка активноста наменета за најмладите „Среќно детство“.
Наја Бажадавела Солдатовиќ и Наташа Митрева, пријателки на уметницата Руки Чуки, Македонка која работи и живее во Лондон, дошле на фестивалот. „Таа работи, ние се забавуваме,“ низ шега коментираа. Тие се само дел од публиката од други градови кои го посетија Графити фест, сакајќи да ја почуствуваат атмосферата.
Како и секоја година, фестивалот се органираше за време на викенд, за да можат сите уметници да дојдат и да го дадат својот максимум.